Петар Печков
Објавено: среда, 02 јули 2025
Судиите од Основен суд Велес, кои работат на кривични предмети, се одлучуваат на примена на пробацијата, изрекување на алтернативни казнени мерки со кои се обврзани да вршат одредени корисни работи, наместо обвиентите да ги испраќаат во затвор. На веб страницата на Основен суд Велес, меѓу изречените 60-тина правосилни пресуди оваа година, има и две со пробација.
Првата е условна осуда со заштитен надзор, ја изрекол судијата Ангелче Трипчев, за кривичното дело „загрозување на сигурноста“. На обвинетиот му е утврдена казна затвор во траење од 2 (две) години и истовремено се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот во времето од 5 (пет) години по правосилноста на пресудата, не стори ново кривично дело и ги исполни определените обврски. Определени се се мерките на помош, грижа, надзор или заштита со следните обврски:
- му се забранува на обвинетиот да употребува алкохолни пијалоци, дроги или други психотропни супстанции
- му се наложува на обвинетиот да ги одбегнува и да не се дружи со лица кои негативно влијаат врз него
- му се наложува на обвинетиот да го користи слободното време според оцена на надлежниот орган согласно закон
- му се наложува на обвинетиот да се подложи на лекување или социјална рехабилитација во сооодветни специјализирани установи
Обврските спрема обвинетиот се со време на траење од 2-две години, во рамките на времето за проверување.
Втората е на судијата Шефшет Адеми, за двајца обвинети, по признание на вина, за кривично дело насилство. Нив им е утврдена казна затвор во траење од една година, и истовремено се определува дека истата нема да се изврши ако во времето од 2 (две) години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело и не ги исполнуваат определените обврски. Нив им е изречена условна осуда со зазштитен надзор, и се определени следните мерки на помош, грижа, надзор или заштита, и тоа следните обврски:
-прифаќање на вработување што одговара на способностите и склоноста на осудениот; и
-користење на слободното време според оцена на надлежниот орган согласно закон.
Обврските спрема обвинетите се со време на траење од 2(две)години, во рамките на времето на проверување. Доколку обвинетите сторат ново кривично дело или не ги исполнуват определени- те обврски, условната осуда со заштитен надзор ќе биде отповикана и утврдената казна затвор во траење од 1(една)година ќе се извршува.
Законот за пробација во Македонија беше донесен во 2015, а почна да се применува во 2018 година, но таа сè уште како инструмент во правосудниот систем не се користи доволно.
Таа е важна за намалување на пренатрупаноста во затворите, за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.
Пробацијата, се смета како иднина на затворскиот систем и предвидува казната затвор да е последно решение по кое треба да се посегне. Во пракса, наместо некој да лежи во затвор за некое полесно кривично дело, да добие обврска да извршува работни задачи во некоја институција.