Петар Печков
Објавено: вторник, 06 мај 2025
Апелациониот суд од Скопје му ја намали казната затвор на Дритон Мустафов (44 год) од велешко Бузалково, на четири години за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 в.в. со член 288 став 3 в.в. со став 1 од Кривичниот законик. Претходно во првостепена пресуда, во Основен суд Велес му беше изрешека казна затвор од шест години.
Апелација постапувала по жалбата на бранителот, адвокат Драгана Николова. Обвиениот Мустафов призна дека го опожарил казиното во Велес, при што сторил голема материјална штета а станарите кои биле над просторијата на клубот, ноќта ја минале по роднини, а дел и повеќе денови, оти не се чувстувале безбедни дома.
Како олеснителни околнисти, трочлениот судски совет на Апелација Скопје, ги земал во предвид неговите лични и материјални прилики, неговата моментална финансиска состојба особено околноста што делото го сторил во афектна состојба -нервоза поради губиток на поголем износ на парични средства, каде со дејствието не посакал да се случи материјална штета во тој размер, а уште помалку да бидат доведени човечки животи во опасност. Обвинетиот бил женет, татко на едно полнолетно и четири малолетни деца, безимотен, невработен и корисник на гарантирана минимална помош. Придонесот на обвинетиот за ефикасно завршување на кривичната постапка изразено преку признанието на вината, како и изразеното каење и даденото извинување на оштетените во судницата, Апелација заклучила дека со осуда на помала казна затвор би се постигнале целите на казнувањето.
Проценетата штета од пожарот, по извршеното вештачење е 32,7 милиони денари, при што на казиното причинил штета од 32,5 милиони денари а на петмина станари кои живееле над просторијата, штетата им е процената на 212 илјади денари.
Пожарот се случи на 18 јануари 2024 година, околу 17,40 ч. во казино „Вила Зора“ на ул. Благој Ѓорев 110/а во Велес. Пожарот бил локализиран во 19,40 ч.
Според обвинението, Мусафов бил присутен во објектот тој ден, како играч на апарати и се коцкал. По неколку часовно присуство, откако изгубил поприлична сума на пари, тој се упатил до блиската бензиска пумпа, каде наточил бензин во две пластични шишиња. Се вратил, ги попрскал столовите и апаратите, извадил запалка и ги запалил. Се слушнал звук на кој реагирала вработената и го прашала „Што правиш’“, тој се оглушил, не одговорил. Во клубот имало други играчи, пожарот се проширил, се слушнала експлозија, луѓето во објектот биле доведени во опасност. Мустафов се дал во бегство, при што бил совладан од двајца полицајци, кои го фатиле.
Мустафов на 1 мај 2023 година,во вечерните часови скокнал во Вардар кај Велес, откако во коцкарница изгубил значајна сума на пари. После Стар мост, смогнал сили и излегол од реката, иако премален и смрзнат од ладна вода, во лоша здравена состојба стигнал до куќа на улица Коле Цветков, чии сопственици повикале Итна помош, по што беше згрижен во болница, поради хипотермија. Во 2016 обвинетиот бил осуден за криумчарење на мигранти, и кажа дека казната затвор ја одлежал.