Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 јули 2025
На автопат откриени 11 мигранти од Египет, од нив девет деца, во возило управувано од струмичани. Возачот и совозачот уапсени, мигрантите вратени во Прифатен центар.
„На 13.07.2025 во 19.30 часот на автопат А1, Неготино – Градско, во близина на село Црвени Брегови, неготинско, полициски службеници од Полициската станица за Граничен надзор Михајлово ги лишија од слобода Џ.Џ.(19 год) и М.А.(18 год), двајцата од Струмица. При преглед на патничко возило „фиат“со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Џ.Џ., а совозач бил М.А., биле пронајдени 11 лица мигранти од Египет, од кои девет малолетници“ – соопштија од СВР Велес.
Мигрантите биле спроведени во Прифатен центар Винојуг во Гевгелија, а возачот и совозачот биле задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Ноќеска на експресниот пат Градско –Фариш, прилепчанец возел без дозвола и пијан.
„На 14.07.2025 во 00.30 часот на експресен пат Градско-Прилеп, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода Д.С.(47 год) од Прилеп. При сообраќајна контрола, полициски службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки констатирано е дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1.88 промили алкохол во крвта и го управувал возилото пред да се стекне со право на управување со моторно возило“ – информираа од СВР Велес.
Д.С. бил задржан во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.