Петар Печков
Објавено: среда, 08 април 2026
На неколку локации, со различни целни групи на подрачјето на СВР Велес, беа реализирани неколку едукативни активности на полицијата. Сите се реализани од полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај ПС Велес.
Во просториите на Здружение на пензионери во Велес, реализирано е сообраќајно едукативно предавање на тема „Безбедноста на пешаците-одговорност на сите нас“, во рамки на кампањата „Недела на пешаците“ која се одбележува од 01.04 до 07.04.2026.
„Целта беше да и се укаже наповозрасната популација, како ранлива категорија на учесници во сообраќајот, за обврската и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, потенцирајќи им дека улицата задолжително треба да ја преминуваат на обележан пешачки премин, да ги избегнуваат деловите каде е забрането движење на пешаци и да бидат внимателни во секоја прилика“- соопштија од МВР.
Во Велес реализирана е превентивна активност на тема „Стави појас“, во рамки на која на возачите им беше потенцирана нивната, но и обврската на сопатниците, за задолжително користење на заштитен појас во возилата.
На подрачјето на Општина Чашка реализирана е сообраќајна превентивна активност на која акцент било на потребата за свесност кај возачите, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека тоа е сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
На подрачјето на селата Виничани и Ногаевци, општина Градско, била реализирана превентивна активност на тема „Управувај безбедно со земјоделски машини“, со цел поголема безбедност и видливост на земјоделските машини во сообраќајот.
