Петар Печков
Објавено: среда, 22 октомври 2025
Понеделник од 19ч. во Ликовниот салон, значајна изложба но и дебата за архитектурата на Велес. Насловена е „Вертикални форми на населување на градот Велес“.
„Во градот на стрмни ридови и гостољубиви височини ќе биде претставена архитектонската изложба, која преку макети, фотографии и кратки презентации ќе биде раскажана приказната за велешката панорама – дом на живописната староградска куќа, скромната рана модерна и станбените кули од XX век. Велешките кули се многу повеќе од обични згради. Тие се сведоштво за стремежот кон модерност, кон живеење „во височина“, кон новиот урбан идентитет на минатиот век. Од „Жаба зграда“ и „Зградата ХИВ“, преку кулата на Мостот на Гемиџиите, па сè до кулите на булеварот „Благој Ѓорев“, изложбата ја следи трансформацијата на домувањето во височина – од инженерски иновации до живи симболи на градското секојдневие. Во време кога иднината на градот повикува на одговорен развој, оваа поставка ја враќа кулата во јавниот дискурс – не како артефакт на минатото, туку како жива алатка за нови визии.
Препрочитувањето на вертикалноста, вкоренета и во старата велешка куќа и во бетонските гиганти, е чекор кон осветлување на сопствениот градски идентитет“ – пишува во најавата од организаторот Народен музеј Велес.
Изложбата е дел од Годишната програма од национален интерес за 2025 година при Министерството за култура и туризам, поддржана од Народен музеј – Велес и Државниот архив – Одделение Велес.
Ќе се обратат Минас Бакалчев- „Дрвото, човекот и градот: Случајот со седумте јавори во Велес“, Мартина Штериова- „За архитектурата, истражувачката дејност и градителското културно наследство“, Марија Петрова: „Станбените кули во градот Велес: Наследство од застарената иднина“.