Традицијата продолжува, за чист понеделник на Мегдан (фото видео)

Петар Печков

И овој понеделник, прв по верскиот празник Прочка жителите на велешкото маало Мегдан беа домаќини на Чист понеделник. Ова е традиција стара со децении, кога симболично започнуваат велигденските пости а за  овој ден се подготвува посен, бел грав.

„Традицијата ја обновивме во 90-те години од минатиот век, без прекин. Во чест на нашите стари, како Ѓорѓи Балкан и другите, да не ги споменувам сите, долг е списокот. Важно е да се продолжи, да се дружиме. Кој и да дојде е добредојден“ – вели Ристо Ивчев.

Се отвораат ширум портите, се  мести трпезата и на неа се поставува јадењето и мезето. Оваа традиција, не е од вчера и затоа жителите од Мегдан се горди на неа и љубоморно ја чуваат и одржуваат. Кумот годинава допатува од Швајцарија за да биде домаќин.

„Желбата да се дојде во Велес, дома  е се пред друго. Јас живеев подолу од Мегдан, моите деца тука израснаа. Честа да бидеш кум на една ваква манифестација е голема. Голема благодарност што ми понудија и тука сум да помогнам секоја пат кога треба“ – рече Трајче Папазовски.

Последните три години кумот е со живеалиште во странство, лани во Австрија, претходно во Финска. За жители на Мегдан овој ден е најзначајниот во годината. Тие од пладне до вечер ги пречекуваат гостите и сите се добредојдени.  Познато е дека новиот кум за до година е  Кире Митревски  од Мегдан.

„Да доаѓам тука секоја година, на Мегдан, причината  се спомените од детството, заминав од 14 години. Тука е мојата родна куќа, пријателите со кои пораснав. Доаѓам со сопругата Лилјана и убаво се чувствувам“ – кажа Ѓорѓи Дебарлиев, мегданчаец кој живее во Скопје.

Традицијата на Чист Понеделник  во Велес започнува од првите години на минатиот век, празнувањето е сврзано со пролетта која доаѓа со прошетки и излегување од дома, по зимата која си заминува. Прочистувањето на луѓето од тешките зимски јадења, почнува токму на Чист понеделник, прв ден по Прочка. Тогаш  жените, домаќинките започнуваат со чистењето на куќите, домовите и дуќаните.

„Спомените се од пет годишна возраст и се огромни. Ѓорѓи Балкан ги правеше тогаш овие работи, ние како деца со чиничето по порција бел грав. Важно е младите да ја продолжат традицијата“ – вели Данка Трајковска, жителка на Мегдан, која сега живее во друг дел на градот.

Колку велешани се горди на ова традиција, зборува фактот што во  фабричките ресторани, на овој ден задолжително  на менито е само бел грав.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати