Петар Печков
Објавено: понеделник, 24 август 2026
Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за пиење водата од селските водоводи во Иванковци и Кумарино, велешко. Решението е издадено на 20 август. Забраната ја објавија од локаната власт на Општина Велес.
„Поради утврдена неправилност, водата не смее да се користи за пиење, сè до укинување на забраната од страна на надлежниот орган. Ги повикуваме граѓаните доследно да ја почитуваат изречената забрана и да постапуваат согласно насоките на надлежните институции. – пишува во соопштението од Општина Велес.
На неколку локации во двете села е поставено предупредување “Водата не е за пиење”, а Општината ќе ја информира јавноста веднаш по добивање на официјална потврда дека водата е безбедна за употреба. Тоа ќе се случи по три негативни анализи на водата. Во селото Иванковци по пописот од 2021 живеат 650 а во Кумарино 50 жители. Со селските водоводи управува месната заедница.
Анализата на водите од двата селски водоводи, извршена од Центарот за јавно здравје Велес на 11 август, покажала дека „не одговарана на прописите за безбедност поради недоволно присуство на резудуален хлор. Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водатга , за да може да се користи како вода за пиење“. Водата во водоводот во Кумарино имала и зголемено присуство на нитрати.
Последниот примерок на анализирана вода од селската чешма во Башино село, од која пијат и бројни велешки семесјства покажал дека има „аеробни бактерии и бактерии индикатори за фекално загадување“. Таа вода од крајот на јули е забранета за пиење. Останува истата забрана со препорака да се изврши асанација на околината на објектот а доколку некој се реши да ја користи, водата да се преврива.
Анализата на водоводите во селото Мамутчево и Отовица, извршена од ЦЈЗ Велес покажала дека таа одговара за пиење и е во согласност со прописите за безбедност на водата.
