Петар Печков
Објавено: понеделник, 22 декември 2025
Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес за најмлади гледачи ја подготви новогодишната претстава „Поштарска бајка“ работена по текст на Карел Чапек, во режија на Александар Ивановски, драматизација и адаптација на Катерина Момева
„Преку игра, хумор и топлина, приказната нè води во светот на писмата што никогаш не стигнале до своите адреси, но во себе ги кријат најискрените човечки желби, соништа и тајни. Ова е бајка за комуникацијата, љубовта и надежта – и за тоа како секоја порака, дури и изгубена, може да го најде вистинскиот пат. Целта е најмладата публика да ужива во магијата на театарот и силата на убавата приказна“ – соопштија од театарот.
Во претставата настапуваат: Филип Христовски, Кире Ацевски, Славица Манаскова, Сандра Танчева, Исидор Јованоски и Талија Ѓорѓиева. Сценографијата и дизајнот се на Филип Коруновски а костимите на Катерина Чукниева
Претставата е на репертоар од денес понеделник, 22 декември и ќе биде играна со организирана посета на децата од основните училишта и градинките од градот.
фото Пепи Кирка
