Петар Печков
Објавено: среда, 16 април 2025
Велешка „Маслодајна“ започна со потпишување на договори со земјоделците за одгледување на сончоглед. Со овој договор се врши загарантиран откуп, како и набавка на квалитетен семенски материјал. Неколку години единствениот производител на масло на јадење во земјава, кои го врши со преработка на сончогледово семе, се обидува да ја врати оваа култура по македонските полиња. Но тоа тешко оди, лани фабриката откупи само 3,5 илјaди тони сончоглед, доволен за преработка за еден месец.
„Со години наназад се залагаме за зголемување и на површините и на родот на сончоглед, напредок нема. Тешко оди зголемувањето на површините, иако како индустриска култура е една од основните во прехраната, заедно со житото. Moра да се смени моделот, мерките, за да се зголемат површините. Ако продолжи ваквата состојба, размислуваме наместо да произведуваме масло од сончоглед, да го рафинираме како другите компании во земјава. И така тоа е многу поевтино, отколку со преработка“, вели директорот Горан Лазов.
Потсетува дека во време на ковид-19, како единствен производител на масло за јадење од сончоглед, имале доволно резерви и го заштитиле македонскиот пазар и граѓани, наспроти другите компании кои рафинираат, и немале производство откако суровината била забранета за извоз од повеќе земји производители.
„Сончогледот освен што е важен за добивање на масло за јадење, значаен и за плодоред. Или една година се сее тој, па следната се враќаме на јачмен, пченица и се добива и до 30 посто поголемо род на житото. Државата треба да контролира како дел до родот заврши во Грција, а производителите добиваат субвенции за одгледување, пари обезбедени од буџетот кој го полнат македонските граѓани“, вели земјоделец од Пелагонија.
Дел од ланскиот род на сончоглед од Пелагонија завршил во Грција, бидејќи таму откупната цена била 27 денари за килограм, па откупувачите го купувале во Македонија по 22 денари, плус трошоци за транспорт и го препродавале кај јужниот сосед.
„Ќоспето кое е нус производ од преработката на сончогледот, кое служи како концентрат за храна на свињарските, краварските фарми, за пилињата, е исто така важно. Оти ако ние не произведуваме масло од сончоглед, ќе мора да увезува храна, ќоспе, од странство. Време е да седнеме, Министерството, производителите, земјоделците на иста маса и да направиме стратегија, сончогледот е стратешка култура“, додава Лазов.
Тешко оди зголемувањето на површините со сончоглед во земјава, иако како индустриска култура е една од основните во прехраната, заедно со житото, стратешка култура.
Претходната Влада во октомври 2023, го зголеми од 5 на 10% ДДВ за сончоглед, како луксузен производ, а за увозот на рафинираното масло остана 5%. Очекувањата на менаџментот на „Кристал 1923“ дека оваа грешка со новата Влада, ќе биде исправена, не се случила.
„Ова нема економска логика. Се штити увозот – рафинираното масло, а домашниот производ – сончогледот се оптоварува. Нека пресметаат колку пари земаат од нас при откупот на сончогледот, и колку пари од увозот на рафинираното масло и ќе заклучат колку мерката е издржана“, кажа Лазов.
Земјоделците одгледувачи на сончоглед, кои лани есента побараа финансиски државата да ги поддржи со по 5 до 7 денари за килограм,, поради лошата сушна година, на ова барање одговор од Министерството за земјоделство не добија. Затоа пак лани во февруари тогашната Влада позитивно одговори на истото барање и одобри по 5 денари за килограм сончоглед, предаден на преработувач.