Младите и ја вратија насмевката на старицата, баба Милка

Петар Печков

Велешанката Милка Климкарова  со помош на младите од Црвениот крст од Велес доби нов лик на нејзиниот повеќе сиромашен отколку  скромен дом.  Таа со своите 80 и кусур години живее сама во близина на Железниот мост  во Дворови, во лоши услови. Откако  волонтерите виделе како таа живее решиле да ја покажат на дело нивната хуманост  и да и обезбедат пристојни услови за живеење.

Случајот за животот на Милка Климкарова, поради староста, самотијата, изнемоштеноста и немањето финансии остави голем впечаток кај нас. Баба Милка беше запишана во  Црвениот крст оти на подолг период и треба помош од оваа хуманитарна организација.  Таа живееше во екстремно лошо услови па три месеци подмладокот работеше на проект со кој   и помогна за подобра старост и да го уредиме нејзиниот дом – вели Ангел Јорданов претседател на младинската организација на Црвениот крст во Велес.

„Собата на 19-виот век“ така тие ја нарекоа просторијата каде живееше бабата во која нема телевизор, радио, телефон. Таванот протекуваше и се ронеше, ѕидовите кој не се знае кога последен пат биле варосани, една маса, кревет и две искривени столици. Затоа тие несебично, со младешки ентузијазам решиле да ја вратат насмевката кај осамената старица. Ова нивна помош била реализирана преку проектот  ,,Младите за потопла старост,,  преку  програма Црвен крст во акција, промоција на хумани вредности. 

Направивме проценка на терен што е најнеопходно за баба Милка. Тим на волонтери реши да и помогне.  Собиравме алишта, постелнина, тепих, фотелји, фрижидер,  ги обезбедивме и ги дониравме. Се ова беше половно, го добивме  од лица кои сакаат да донираат. Се што предадовме е во добра состојба. Таа е корисник на социјална помош од три илјади денари – додава Јорданов. Старицата е пресреќна што конечно некој се сетил на неа. И покрај годините таа сама се грижи за себе, оди до продавница да ги купи неопходните потреби. Се грее на дрва, ќе и помогнат соседите да го нацепи огревот. Насмевката и се врати на нејзиното лице, откако единствената соба во која живее сега е полна.

Мило ми е што децава решија да ми помогнат. Ми го згреаја срцето со топлина и надеж дека не  сум сама и заборавена. Доаѓаат кај мене, муабетиме, помагаат. Многу им фала – вели Милка. Но во нејзиниот дом се чувствува потреба и од маса, орман и две столици, за да може да  собата да биде целосно уредена, но потребна е и санација на таванот. Таа не го бара тоа, но сигурно дека помошта ќе биде добредојдена.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати