Петар Печков
Објавено: петок, 16 мај 2025
Продолжува трендот на новороденчиња од велешко, кои се родиле во болниците од земјава, не во велешката. Така ланскиот број стигна до 50 отсто или секое втор бебе родено со адреса на живеење на родителите во општината, е родено најчесто во болниците во Скопје, Штип или Битола. Во бројки тоа е од 328 новороденчиња од велешко, 163 не се родиле на акушерското одделение од велешка болница.
Во 2017 односот бил 20 отсто односно од вкупно 535 бебиња, на Акушерското одделение од Велешка болница биле родени 418 бебиња. Таа бројка постојано се менуваше, односот растеше на 25%, па 30 отсто, 40 отсто, за лани дојде до пола, пола.
Според податокот на Службата за превентивна здравстена заштита за предучилишна возраст, во Скопје биле родени 134, во Битола пет, во Штип 18, едно е родено во домашни услови. Има четири случаи кога бебињата се родени во странство, две во Италија и по едно во Словачка и Германија а родителите на бебето се вратиле да живеат во Велес.
Дел за ваквата состојба е можноста младите мајки кои користат приватно осигурување, што им овозможува породување во приватни болници. Други земаат и кредити, за трудниците да се породат на приватни клиники.
На Акушерското одделение од ЈЗУ Општа болница Велес, во 2024 биле родени 280 бебиња. Но тука се породуваат и трудници од Свети Николе, Лозово, Неготино.