Петар Печков
Објавено: среда, 14 јануари 2026
По првичната објавена информација од ОЈО Велес на 7 ноември лани, дека има осомничен за извршено убиство, два месеци потоа молк. Беше соопштено дека едно лице Д.Ц. 43 год. е осомничено а другото не беше идентификувано.
ТрМр постави прашање до каде е истрагата за овој случај. Од обвинителството соопштија дека идентификувани се биолошки траги на вториот учесник во убиството и се трага по него.
„Истрагата против осомничениот е во тек. До обвинителството е доставен обдукцискиот наод, а по наредба на јавен обвинител се вршеше и вештачење на биолошки траги од кои дел се совпаѓаат со ДНК профилот на осомничениот. Обвинителството издаде повеќе наредби за идентификација и на друго лице од кое беа изолирани биолошки траги, а по наредбите се уште се постапува“ – соопштија за ТрМр од ОЈО Велес.
Д.Ц. се наоѓа во притвор.
Претходно, два дена по убиството од ОЈО Велес соопштија.
„На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице кое се уште не е идентификувано, го лишиле од живот велешанецот Ѓело Ѓошев. Најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала. Осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката“.
фото архива ТрМр
