Петар Печков
Објавено: четврток, 15 јануари 2026
Основен суд Гевгелија на жител на Богданци П.С. (39 год) му изрече мерка притвор во траење од 30 дена, по барање на ОЈО Гевгелија. Лицето е осомничено за кривично дело убиство. Тој е син на жената која е убиена.
„На 11.01.2026 околу 21:00 часот во стан во кој престојувале дошло до расправија помеѓу П.С. и неговата мајка М.С.(58 год) од Богданци, која преминала во физичка пресметка во која П.С. со остри предмети и нанел убодни рани на М.С. во пределот на главата. Од здобиените повреди М.С. починала, а смртта е констатирана и од лекар од Итна медицинска помош Гевгелија. На 12.01.2026 година во 07:05 часот во Полициската канцеларија Богданци П.С. сам го пријавил делото“ – соопштија од МВР.
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против П.С. од Богданци за кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 1 и 2 од Кривичниот законик. Осомничениот, на 11 јануари, при вршење семејно насилство, на свиреп начин ја лишил од живот сопствената мајка.
„Во станот во Богданци каде што живееле под закуп, мајката и синот започнале расправија околу лекувањето на осомничениот. Во еден момент тој зел нож од кујната со кој и нанел повеќе убоди на мајката во главата и вратот. Бидејќи ножот се скршил, зел ножици и со нив продолжил да и задава убоди, па откако и тие се свиткале од кујната зел друг нож за сечење зеленчук со шилест дел со кој ја прободел во вратот. Од бројните убоди жената искрварела и починала“ – соопштија од ОЈО Гевгелија.
