Петар Печков
Објавено: сабота, 04 април 2026
За Денот на НАТО 4 април и денот на Првата пешадиска бригада, како и 15 април Денот на Командата за обука и доктрини (КОД) во Градскиот парк во Велес се одржа презентација на воена опрема, возила и способност на припадниците на Армијата на Република Македонија. Големото присуство на велешани, брачни парови со нивните деца, најмладите кои беа воодушевени од прикажаното, сите тие уживаа во саботното пладне.
„Ова е ретка можност од непосредна близина граѓаните да погледнат дел од опремата и борбените возила, да разговараат со припадниците на Армијата кои секојдневно се грижат за нивната безбедност“ соопшти КОД чие седиште е во Касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес.
На настанот беше поделен на неколку тематски зони, каде присутните можеа да се запознаат со техничко-тактички карактеристики на изложената опрема и средствата во Армијата, гардиски и борбени вештини, запознавање со начинот на школување на Воената академија, имаше штанд на припадниците на воздухопловниот ВИНГ. На презентацијата имаше најголем интерес и редици од деца за спуштање по челично јаже, кое беше организирано од припадниците „Волци“. На настанот имаше присутни и припадници на „Шкорпионите“, почесната гарда. Вежбата на вештините, дисциплината на армиските службени дресирани кучиња при извршување на специфични задачи, предизвика големо внимание и аплаузи од присутните.
Настанот „Професионалци и сојузници: Армијата за граѓаните“ беше организиран од Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ и Командата за обука и доктрини.
