Петар Печков
Објавено: вторник, 13 јануари 2026
Во Тиквешијата, во Кавадарци и Неготино, регистрирани два одвоени случаи на педофилија. Во првиот, во Кавадарци две лица на 57 години и на 40 години се осомничени дека сториле две кривични дела Задоволување полови страсти пред друг од член 190 од Кривичниот законик, имале сексуални односи пред малолетно дете, кое ги снимало со мобилен телефон и за 57 годишникот за силување на дете кое не наполнило 15 години.
„Тие имале сексуални односи пред малолетно дете, кое ги снимало со мобилен телефон. Во јули лани, додека детето имало 14 години, еден од двајцата осомничени повеќе пати го наведувал малолетникот на сексуални односи со него за што му давал одредени парични средства“ – соопштија од ОЈО Кавадарци. По барање на ОЈО Кавадарци, на 57 годишникот од Неготино судија во претходна постапка на Основен суд Кавадарци му изрекол мерка притвор од 30 дена а на лицето на 40 годишна возраст од неготинско село му изрекол мерка на претпазливост.
Во вториот случај, кој не е поврзан со претходниот, кавадаречкото обвинителство води постапка против татко од Кавадарци на 44 годишна возраст, осомничен за други полови дејствија спрема неговата 13-годишна ќерка.
„Осомничениот татко во алкохолизирана состојба го допирал девојчето во повеќе наврати“ – информираа од ОЈО Кавадарци.
Од СВР Велес соопштија дека се поднесени кривични пријави за три лица за педофилија.
„ОВР Неготино поднесе кривична пријава против 57-годишник од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „задоволување на полови страсти пред друг“ и „силување на дете кое нема наполнето 15 години“ и против 40-годишник од неготинско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „задоволување на полови страсти пред друг“. Во стан во Неготино тие имале полов однос во присуство на други лица, меѓу кои и 15-годишен малолетник, кој направил видео запис кој подоцна бил достапен на повеќе лица. Исто така, постојат основи на сомнение дека 57-годишникот во октомври 2025 година вршел други полови дејствија со малолетникот, кој тогаш бил на возраст од 14 години, а за тоа му давал пари. ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против 44-годишник од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување на дете кое нема наполнето 15 години“. Пријавениот, во два наврати во домот каде престојувал, ја допирал по телото неговата 13-годишна ќерка“ – информира Ана Милевска Ѓорѓиева, портпарол на СВР Велес.
