Три години затвор за српски државјанин во чиј камион при сообраќајка кај Валандово починаа двајца кинески мигранти

Петар Печков

Српскиот државјанин С.М.(52 год) доби три години затвор за сообраќајка во која починаа двајца кинески мигранти. Обвинетиот го признал делото во Основен суд Гевгелија, бил прогласен за виновен, не била поднесена жалба и пресудата е правосилна. С.М. побарал веднаш да биде испратен на отслужување на казната затвор.     

Тој беше осуден за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, каде максималната казна е до пет години затвор. Бидејќи станува збор за странски државјанин, предметот се водел по забрзана постапка. Тој има право да бара казната да ја издржува во државата чиј граѓанин е. 

Сообраќајката се случи на 19 ноември рано утрото, 4,20 ч. кога С.М.  управувал товарно возило Мерцедес, сопственост на транспортна фирма од Србија, натоварено со околу 24,5 тони пресувана хартија, излетал од патот. 

Според обвинението возејќи по регионалниот пат од Валандово кон Дојран,  обвинетиот не се придржувал кон одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот и телото на луѓето. Иако бил должен да го држи возилото во движење што поблиску до десниот раб на коловозот и да го прилагоди движењето на условите на патот за да не ги загрози другите учесници во сообраќајот, тој не го сторил тоа и изгубил контрола, возилото излегло на банкината надвор од коловозот и се превртело на десната страна. Но во полуприколката на камионот имало и 10 кинески државјани, од кои при превртувањето 35-годишна жена и еден маж го загубиле животот, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште две со полесни повреди.

ОЈО Гевгелија води истрага и презема дејствија и за испитување на евентуални елементи на кривично дело криумчарење мигранти од страна на возачот на камионот С.М.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ја оценувате работата на сообраќајната полиција во Велес? (училишна оценка)

  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Резултати