Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 декември 2025
Кавадарчанецот С. Иванов (43 год) доби доживотна казна затвор за братоубиство сторено на роденденот на жртвата, информираа од Основен Суд Кавадарци. Обвинетиот го признал делото, кривичниот совет го огласил за виновен и му ја изрекол најтешката казна доживотен затвор. Обвинетиот останува до притвор се до започнување на издржување на затворската казна.
С. Иванов е осуден за кривично дело- Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик- за лишување на живот на друго лице од користољубие, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди, каде максималната предвидена казна е доживотен затвор. Обвинетиот има право на жалба на изречената затворска казна.
Според обвинението С. Иванов на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат Илија Иванов (42 год). На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди. Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата.
Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети. Во периодот од 30 јули до 5 август, кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Сестрата во кавадаречката полиција го пријавила за исчезнат братот Илија Иванов, кој живеел сам, откако претходно неколку дена безуспешно се обидувала да го најде. Истиот ден, сестрата и нејзиниот сопруг, во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, забележале ископ покриен со ровка земја и се посомневале дека исчезнатиот брат е закопан внатре.
