Со читање на резултатите од далечина, во велешка болница се надминува проблемот со недостиг на доктори радиолози

Петар Печков

Одделението за радиодијагостика од велешката болница, мината есен се соочи со сериозен проблем.  Остана без доктори специјалисти, дел се пензионираа, други заминаа во други здравствени установи, по што пациентите се судрија со проблем, кој да ги чита резултатите од снимките.  Тоа беше причина одделението да се реорганизира, во интерес на пациентите. 

„До готов специјалист не се доаѓа лесно, зад тоа стои обемна едукација која трае околу пет  години.  Двајца доктори се на специјализација по радиологија и се очекува наскоро да се вратат по полагање на специјалистичкиот испит. Поради тоа од 1 ноември минатата  година се склучи Спогодба за соработка помеѓу 11 доктори радиолози, од ЈЗУ Универзитетска Клиника по хируршки болести Св Наум Охридски –Скопје и ЈЗУ Општа Болница Велес. Така  од 1  ноември Кабинетот за компјутерска томографија започна со континуирана работа и пуштени се максимален број на прегледи, со покриеност од 24 часа од страна на докторите во Скопје. Со ова во Мој термин сега имаме пациенти од соседни градови, не само од велешко“ – кажа Марина Андова портпарол на Општа Болница Велес.  

По оваа реорганизација,  следејќи ги потребите на граѓаните,  бројот на снимени пациенти во  одделението за дијагностика на Компјутерска томографија, секој месец е во нагорен тренд. За четири месеци има прегледано 900 пациенти во дијагностика за Компјутерска томографија и 2060 прегледи на скелет и бели дробови.

„Работиме по единствен систем на новоорганизирана работа, ги користиме добрата на дигитализацијата, со телемедицина,каде прегледите на пациентите се обавуваат во нашата Болница, без физичко присуство на доктор специјалист, кој е во Скопје  и од далечина го посматра прегледот и учествува во него. Потоа пишува наод, без да има потреба од негово физичко присуство. Овој вид на работење е веќе добро познат во повеќе  европски држави,  од потребата доктор без физичко присуство да обави преглед и постави дијагноза во најкраток можен рок. При несреќи, сообраќајки и повреди, пациентот добива извештај од доктор веднаш по завршениот и испратен преглед. Ова го овозможува современата дигитална апаратура која ја имаме,како и посебната интернет платформа за работа, преку која завршените прегледи се праќаат кај соодветниот доктор, кој го испратил пациентот на снимање,  за анализа“- дополни Андова.

Прегледите  во болницата во Велес, ги изршуваат 12  обучени  дипломирани радиолошки технолози,  самостојно од подготовка на пациентот до самиот преглед. Регуларни термини има во тек на цел месец,како би се задоволиле потребите на граѓаните во целост, времето на чекање е намалено на само неколку денови. Резултати се издаваат зависно од видот и комплицираноста на извршениот преглед,во рок од неколку часа за итни пациенти до неколку дена за контролни прегледи.

Од 1 декември 2023 година основан е  Кабинет за дојка, за жени со симптоми, како и оперирани и третирани пациентки. Матичните лекари имаат пристап кон Кабинетот за дојка, се  закажува термин, кога пациентките можат да се снимаат на дигитален мамограф со врвни перформанси. Можно е доколку има потреба,  да се закаже и веднаш термин за ехо на дојка. И во Кабинетот за дојка се забележува тренд на зголемување на снимањата, имено,во месец декември биле прегледани 66 пациентки, во јануари 78,а во февруари 84 пациентки, или вкупно 230 пациентки за три месеци.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

  • да
  • не
Резултати