Петар Печков
Објавено: четврток, 22 мај 2025
Вчеравечер, среда, пожар во куќа на ул. Крали Марко, позади хотелот Интернационал, предизвика вознемиреност кај граѓаните, бидејќи се случи во густо населен реон. Надлежните не посочуваат што е причината за огнот, кој зафатил кров и една од собите во куќата.
Сопственикот преку социјалните мрежи се заблагодари на сите кои несебично помогнале во првите моменти. Возилата на ТППЕ Велес беа на ул. Архепископ Михаил, бидејќи не можеа да се приближат до опожарената куќа а пожарникарите беа на лице место.
„На 21 мај во 20:35 примена е дојава за запалена куќа на ул. Крали Марко бр.17. Територијалната Против Пожарна Единица Велес излезе на лице место со три против пожарни возила, две мали и една цистерна и седум пожарникари спасители. По пристигнување на лице место пожарот е затекнат во развиена фаза во една од собите на куќата. Поради непристапноста на теренот и тесните сокаци настапено е со гасење со пп апарати и црева од соседните куќи. Благодарение на брзото пристигнување и пожртвуваноста на нашите колеги пожарот за брзо е ставен под контрола и целосно ликвидиран“ – информираа од ТППЕ Велес.
Пожарот го потврдија и од полицијата во дневниот билтен, без дополнителни детали. Повредени лица нема.