Папрадишки се врати во Велес

Петар Печков

Во Ликовниот салон во Велес е отворена  ретроспективна изложба на Димитрие Андонов Папрадишки (1859 -1954) со што се одбележува 150 години од неговото раѓање. По овој повод пред велешката ликовна, културна јавност се претставени 50-тина дела, масла и икони, некои и за прв пат пред македонската јавност. Изложбата на Папрадишки, последниот македонски зограф и основоположник на современата македонска ликовна уметност која е реализирана а во соработка со Националната галерија на Македонија од Скопје и Народниот музеј од Велес.

Исполнуваjќи го  својот творечки век со мошне плодна активност во црковното сликарство, има работено во окулу стотина цркви, има насликано над 1200 икони, а бројот на профани дела сеуште не е заокружен.  Папрадишки насликал значителен број на творби со профана содржина на кои е ставен акцентот на изложбата, пред се портрети, но и композиции од национално - историска и битова тематика.

Тој бил зограф и сликар кој го користел платното како и маслените бои за да ги забележи за вечноста портретните ликови на неговите современици, како и на неговите најблиски користејќи ги визуелното искуство и фотографијата како работна подлошка. Иако неговото сликарство не подлежи на чист сликарски ликовен јазик јасно е дека тој е преставник на реализмот, на кого секако влијание имало неговото школување во Русија, како и литографии и репродукции од западноевропско потекло. Папрадишки во областа на црковното и профаното сликарство остварил богат фонд трајни остварувања ширум Македонија и пошироко, во Србија и Бугарија. Умира во  Скопје 1954 год. на 95 годишна  возраст, оставаќи во своето атеље неколку незавршени дела со профана и религиозна содржина.

Тој заедно со Петар Николов ја фреско живописал црквата Св.Јоаким Осоговски во Крива Паланка. Тој поради неговите револуционерни  идеи за Македонија бил затворен два пати од страна на турската и српската власт.
       

- Вечерва Велес одбележува редок и значен културен настан, со што му оддава почит на еден од најголемите македонски великани од ликовната уметност.Тој не ни ги остави само своите дела како културна вредност, тој во неговото творештво ги вткае корените на својот народ. Неговите дела се отворена читанка на македонскиот народ - изјави Горан Петров градоначалник на Велес, при отварањето на изложбата.
        

Несомнено дека  делата кој зад себе ги остави овој плоден иконописец, автор на бројни икони, иконостаси, портрети кои денес грижливо ги чуваат институциите и приватните сопсвтеници, претставуваат симболи, синоними за вистинските вредности на македонската култура. Тој направи историски пресврт во македонското сликарство и во нашата историја се впшиша како уметник, кој црковното сликарство во Македонија го етаблираше на повисоко ниво. Неговите дела се трајни остварувања и вистинско културно наслество кое Македонија го споделува со светската културна традиција.

Неговиот ангажман во профаното сликарство го издига на пиедастал како  последен македонски зограф и прв современ сликар во поновата македонска уметност - изјави Елизабета Канчевска Милевска министер за култура во Владата на Република Македонија. Изложбата ќе биде отворена до 5-ти март.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати