Обновениот регионален пат од крстосницата кај Башино село до езеро Младост е потесен од претходно реагираат возачите

Петар Печков

Ново асфалтираниот  регионален пат од крстосницата кај Башино село до езеро Младост, дел од регионалниот пат Велес - Катланово,  предизвика лавини реакции кај велешани. 

Некои  од нив ги поставија како прашање и  советниците до градоначалникот на Велес, Марко Колев, кој кажа дека тоа е инвестиција на ЈП Државни патишта, па општината нема одговорност во однос на градежните зафати.  Сопствениците на возила кои ја минуваат оваа делница жестоко реагираат на широчината на патот.

„Патот е скратен во широчина, една беше димензијата пред реконструкција, сега е друга. Две возила не можат да се разминат, а не за автобус или камион, кои тука често сообраќаат, бидејќи е регионален.  Кој ќе сноси одговорност ако се случи сообраќајна незгода, а со оглед на фреквенцијата на сообраќајот која се одвива секојдневно. Дури и поставените столпчиња на маргините не дозволуваат возилото да оди во десно, да се разминеш со тие што доаѓаат од спротивен правец “ - се коментарите на возачите.

Членот на Советот на Општина Велес, Игор Смилев дури изврши и мерење на широчината на патот,за  да документира дека изнесува  4,50 -4,60 цм. наспроти потребните 5,50 м.

Од ЈП за државни патишта ги отфрлаат тврдењата дека патот е скратен по широчина. Тие  информираат дека  коловозот на таа делница е со променлива ширина која била до 6 метри и е во согласност со теренските услови, како и со проектната документација, но и со Законот за јавни патишта кој препознавал само категорија „регионален пат од прва категорија и регионален пат од втора категорија“ член 4, точка 8 и 9.

„На делови од трасата, широчината на патот е дефинирана од постојните елементи и објекти на патот -тротоари, паркинзи, хотели  но на поголемиот дел од трасата широчината на коловозот е 5 или повеќе од 5м. Исто така, сообраќајната сигнализација, заштитна ограда и сите останати елементи од патот се изведени согласно со одобрениот Проект. Изведувачот нема направено грешка при изведба на работите кои се според одобрен и ревидиран проект за рехабилитација, при што треба да се има предвид дека се работи за  рехабилитација на постоечки а не за изградба на нова делница или реконструкција“ - информираа од ЈПДП.  

Изведувач на работите беше „ JV INFRA EXPERT & VATO DOO“,  надзорот над работите го вршеше ЕВРОКОНСАЛТИНГ. Делницата е во должина од 4,88 км. и заедно со таа на регионалниот пат Петровец - Катланово од  3,52 км, инвестицијата е во висина од 164,12 милиони денари.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали сообраќајната полиција успешно се справува со паркирањето, моторите, тротинетите по велешките улици и тротоари?

  • да
  • не
Резултати