Петар Печков
Објавено: вторник, 27 мај 2025
Изградбата на кеј на реката Вардар од Мало мовче до Стар мост, требаше да заврши до крајот на минатата година. Неговата изградба се раздолжи повеќе од пет месеци. ТрМр го праша градоначалникот Марко Колев, зошто овој значаен инфраструктурен објект толку долго време се работи.
„Кејот беше едно од поголемите ветувања, дадено за локалните избори. Од 400 метри на оваа страна од реката, 200 се завршени, на 200 се работи. Има неколку аспекти кои влијаеја за ова. Нивото на реката Вардар, значи закочување и продолжување на работите на кејот. Имавме неколку месеци висок водостој и тогаш не може да се работи. Не може да се работи оти и постојниот кеј Вардар го прекрива со вода. Вториот момент е што уште во ноември и декември имавме ниски температури, висок водостој во јануари февруари. Деновиве интенезивно се работи, се надевам за многу брзо ќе биде завршена изградбата. Фирмите имаат проблем со вработени, вклучувајќи ја и локалната власт. Најголем проблем е нивото на реката Вардар, кој не можеме да го контролираме“ – кажа градоначлникот Колев.
Бидејќи беше планирано изградбата на кејот да заврши до крајот на минатата година а оваа да започне изградбата на кеј од стар мост до бифето на Пармакот, оти нема начин да се премости тој објект и кејот да продолжи до постојниот кај Мало мовче, средствата од буџетот за негова изградба, на последната седмица се пренаменија за други ставки.