Петар Печков
Објавено: петок, 23 мај 2025
Понудата на цреши на велешкиот пазар годинава бргу заврши. Ги имаше два три пазарни дена и толку. Мразот и снегот кој ги оштетија овошките на крајот од март и почетокот на април, последиците први ги почувстуваа љубителите на ова овошје. Родот беше осетно намален а поради тоа и цените беа високи. На пазарот во Велес се продаваа по 250 денари за килограм.
„Ниските темепратури го оштетија цветот а со тоа и родот. Годинава имаше малку род и имав за продажба три пазари. Претходните години имав род за цел месец, сега за една недела“ – вели овоштар од Чашка, одгледувач на цреши.
За разлика од пазарот, во маркетите цената на килограм цреши беше 1.300 денари. Таа предизвика многу реакции и шеги по социјалните мрежи. Едно дрво цреша се менува за двосебен стан, или едно родно дрво е гаранат за кредит. Во полицискиот билтен пак беше регистиран случај кога жител на Свети Николе на 69 годишна возраст, со воздушна пушка пукал, кон деца кои береле од неговата цреша.
„Ланската година имав пет тони цреши годинава само 50 кг. Ги дадов за 250 ден на големо. Лошото време влијаеше и на родот на црешата и во соседството. Годинава овошјето, праската кајсијата, не само црешата, ќе биде скапо. Лошо време ги зафати и Бугарија, Турција, Албанија, Србија, снегот и мразот не беа само во Македонија“ – вели Владо Орданов овоштар од Росоман.