Петар Печков
Објавено: петок, 05 јуни 2026
Петнаесетина студенти, повеќето од САД, две седмици се учесници на две работилници на археолошкиот локалитет Стоби. Првата е за конзервација и документација на римска керамика, втората за конзервација на ѕидови. По 15-ти пат се организира работилницата за конзервација, која нуди теоретска и практична обука изучување на римската и доцноримска керамика.
„Посетителите работат на оригинални предмети каде применуваат техники на конзервација и реставрација. Не е само практична работа има и предавања и теоретски дел, кој треба да го совладаат врз основа на што продолжуваат со стручна работа. Работат на предмети ископани во годинашниве ископувања “ – рече Билјана Јанкуловска Пеева конзерватор од НУ Стоби.
Учесниците работат во теренската лабораторија на Стоби со автентични керамички наоди од античкиот град, при што се запознаваат со различни конзерваторски методи и техники во заштитата на археолошки артефакти. Втората работилница за архитектонска конзервација е втора година. Таа нуди на студентите и волонтерите единствена можност да стекнат теоретско знаење и практично искуство во конзервацијата на автентични римски и доцноримски археолошки предмети пронајдени во Стоби.
„Учествуваме во проект за конзервација со тим студенти од САД, Бугарија и Македонија. Ги едуцираме студентите за методи на конзервација на ѕидовите преку користење на традиционални, автентични материјали за сочувување на архитектонските остатоци. Со оваа школа ќе завршиме дел од конзервација на еден неконзервиран ѕид од Теодосијанската палата. При крај сме со конзервацијата на ѕидовите на целиот објект, на кој што претходно се правела во 1930-тите години и ѕидовите веќе беа во лоша состојба и имаа очајна потреба од конзерваторски третман“ – кажа Дејвид Карингтон козерватор од Велика Британија.
Учесниците работат на конзервација и документација на римската и доцноримската архитектура на Теодосијанската палата. Програмата комбинира теоретска настава со практична обука, изведување конзерваторски работи на терен. И двете се организирани со партнерот од Бугарија Балканско наследство и со времетраење од две седмици.
