Летово зголемен е бројот на сообраќајки по автопат, на делница Катланово - Демир Капија

Петар Печков

Зголемен е бројот на сообраќајни несреќи кои се регистирани на автопатот во велешко.  Изминатиот период  полицискиот билтен е полн со сообраќајни незгоди, кои се случуваат по должината на делница Катланово до Демир Капија, која е во надлежност на СВР Велес. Туристите кои заминуваат или се враќаат од одмор во Грција, се најчестите учесници.

„На подрачје на Велес,  заедно со Демир Капија и Неготино, односно на делницата на автопатот А-1, што е под надлежност на СВР Велес, од 01.06.2025 заклучно со 07.07.2025 година, случени се вкупно 16 сообраќајни незгоди“ – информира Биљана Ѓаковска портпарол на СВР Велес.

Заморот,  падот на концентрацијата и сонот  се главните причини за предизвикување сообраќајните несреќи.  Затоа од полицијата препорачуваат возете одморени.  Среќна околност е што засега жртви нема. Први на интервенција се службата за Итна медицинска помош.

„Во месец јуни службите за итна медицинска помош интервенирале во 15 сообраќајки, каде имало 25 повредени лица. Повредите се од различен степен на тежина, повреди на глава, граден кош, грбот и екстремитети. Повеќето се странски државјани“ – кажа д-р Елена Коцевска, од службата за Итна медицинска помош. 

На 15 јуни, за четири часа околу полноќ, беа случени три сообраќајки на автопатот близу Велес со петмина повредени учесници, сите странци. Тројца од нив поради тежината на повредите беа префрлени во скопските клиники. Овој период ургентиот центар при велешка болница има зголемен обем на работа.

„Ова е период на летни одмори, поголема фрекфенција на луѓето, па е зголемен бројот на сообраќајни незгоди во однос на преостанатите периоди. Од 1 јуни до 7 јули имаме  примено 51 лице повредено, 31 лице е задржано на хируршко или ортопедско одделение, некои кратко а други на подолго лекување, тројца се оперирани. Дел од пациентите се и странски државјани. Пациентите со повреди кои ги надминуваат нашите можности, ги упатуваме на клиниките во Скопје“- рече  д-р Вано Граматов портпарол на Општа болница Велес.

Во овој период, кога е зголемен бројот на туристи кои транзитираат низ земјава, возачите минуваат стотици километри на пат кон туристичките дестинации, од особена важност е да се прават почести паузи во текот на патувањето  и да се следат препораките за безбедно возење.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Оценете го годинашниот јубилеен 20 Меѓународен фолклорен фестивал Велес 2025?

  • 5
  • 4
  • 3
  • 2
  • 1
Резултати