Петар Печков
Објавено: вторник, 22 јули 2025
Дел од активносите по проектите од годишната програма на Министерството за култура, во локалитетот Стоби завршија, дел продолжуваат од септември. Годинава акцент се стави на малку истражуваната и запоставената градба со Арки. Oбјект единствен на Балканот со богата ѕидна и подна декорација, величенствена јавна градба.
„Работевме на Римска библиотека. Се конзервираше комплетно Источниот ѕид и дел од Јужниот. Археолозите работеа на еден неистражен дел покрај Северниот ѕид. Работевме нешто што претходно не било ископувано, во кампањите од пред 25 години. Стигнавме до рушењето на градбата, која поради пожар се срушил а со тоа и целата декорација. Можеме да ја реконструираме декорацијата на ѕидовите, знаеме како изгледале. Откако ќе продолжиме во септември, ќе знаме попрецизно за нејзината целосна слика“ – кажа Гоце Павловски, археолог од НУ Стоби.
Градбата на Арки била со површина од илајда м2 и висина од 20 м. како една денешна петкатница.
Втора година по ред се работи и на истражување на Јужната порта и Јужниот бедем. По повеќе од две децении работа, почнувајќи од 2001 година, целосно е завршен конзерваторскиот третман на јужниот бедем. Јужната порта и последниот сегмент се откриени во 2010, а детално истражени до 2021.
„Лани се работеа истражувањата, годинава работиме на конзеравација. Портата која беше откриена 2010, со неколку годишна работа , успеавме целосно да ја истражиме. Таа е нов влез во градот, за кој не знаевме дека постои. Припаѓа на раноримски период и е монументална во секој поглед“ – рече Јован Радњански, археолог.
Обновена е и понудата на сувенирницата, на влезот од локалитетот, фондот е збогатен. Со тоа е зголемена понудата за бројните посетители кои летово на пропатување од или за Грција, застануваат да го посетат Стоби.