Петар Печков
Објавено: вторник, 26 мај 2026
Издадени се новите годишни изданија на Стрип центарот на Македонија (СЦМ) со седиште во Велес. Издадени се три стрипови и една стрип книга. На љубителите на стрип уметноста достапна им е стрип книга „Враќањето на стариот Мачор“ од Андрија Мауровиќ и Руди Аљиновиќ (Хрватска), македонски превод на авантурите на славниот стрип-јунак.
„Ова дело е создадено од легендарниот хрватски и југословенски цртач, кој со право се смета за „татко на хрватскиот и југословенскиот стрип“. Тој извршил огромно влијание врз развојот на деветтата уметност на Балканот, оставајќи зад себе препознатлив визуелен стил“ – кажа Томе Трајков од СЦМ.
Издадени се и по два броја 39 и 40 од годишната ревијата „Стрип Креатор“ која единственото континуирано и постојано стрип списание во Македонија почнувајќи од 2003 година. Списанието е наследник на некогашната ревија „Стрип Арт“.
„Оваа ревија е платформа за домашни автори и служи како главна отскочна даска каде што млади, нови и неафирмирани македонски автори ги објавуваат своите први дебитантски дела. Меѓутоа има и интернационално влијание бидејќи на своите страници редовно ги објавува најдобрите и наградените стрипови од традиционалниот Интернационален стрип салон во Велес, со што овозможува врвни странски дела да се читаат на македонски јазик“ – дополни Трајков.
Ревијата „Стрип Алманах“, издаден број 9 е специјално периодично издание. Првиот број излезе од печат во 2015 година со цел да го ублажи недоволното објавување на домашни стрип цртачи. Најголемиот дел од стриповите застапени во оваа ревија се создаваат и финализираат за време на Меѓународната стрип колонија која се одржува во Велес. Во неа доминираат домашни цртачи а списанието служи е смотра на новиот македонски стрип бран.
Изданијата се делат на фестивали, културни институции и стрип настани низ земјата и во странство, а можат да се набават и директно преку контакт со центарот. Тие се издадени со фиансиска поддршка на Министерството за култура, со годишната програма.
