За само три месеци годинава во Велес има 44 пријави од граѓани за каснување од бездомно куче, што е половина од цела ланска година

Петар Печков

Во првите три месеци од годинава во Велес регистрирани се 44 односно 43 каснувања на граѓани од  куче, според податоците на СВР Велес и Општа Болница Велес.  Лани во Полициска станица Велес биле пријавени 92 каснување, додека во болница  142 каснувања.

Оваа висока бројка по само три месеци беше причина локалната власт да  одржи состанок со претставници на СВР Велес и ЈЗУ Општа болница, за големиот број на пријави од страна на граѓани каснати од улични кучиња. Градоначалникот побарал  засилена контрола врз секој поединечен случај со цел да се спречат можни злоупотреби.

„Фактите кои ги имаме како локална власт се дека на овие листи на оштетени граѓани се  цели фамилии, наши сограѓани реагирале дека се каснати. Тоа не е можно. Не може една фамилија да има пет пријави, не може едно исто лице да биде каснато и во јануари и во февруари и во декември. Евидентно е дека име злоупотреба на  каснувањато од бездомни кучиња и на тој начин се испумпуваат средства од општинскиот буџет. Свесен сум дека има и реални случаи, кои ги прифаќаме и ги исплатуваме штетите.  Некои сограѓани ова го користат како извор за семејниот буџет, средства во висина од 50 до 150 илјади денари. Мојот апел до полицијата и болница беше сериозно да се посветат на овие случаи, оти има одредени лица  кои постапуваат со други цели“ – кажа градоначалникот на Велес, Марко Колев.

Членовите на граѓанските здруженија кои помагаат бездомните кучиња, имаат нивно видување за драстично зголемениот број на каснувња на кучиња.

Робертино Васков од Здружението за заштита на животните "Обезбеди Живот“  смета дека причината е дислокација на кучињата.

„Има донесено  нови кучиња  од трлата, чии сопственици оваа пролет ги симнаа од планините. Добро се познати кучињата што се во градот, но евидентно е дека има и нови“ – вели Васков.

Виктор Мазнев од „Виктор аркс“ со став дека причината за зголемениот број на кучиња и каснување е поради лошата работа стационарот кој на тендер го има добиено договорот за заловување и згрижување на бездомни кучиња.

„Фирмата не знае да работи, не знае каде се кучињата кои треба да се заловат. Не ги заловува женките кои се во циклус и привлекуваат мажјаци.  Сведок сум дека во градот имаме кучиња со две маркици на двете уши, што значи дека два пати биле третирани. Не соработуваат со здруженијата од градот, па не знаат каде е легло на овие бездомни кучиња.  Не се собираат кучињата кои прават проблеми, туку некои други. Никој не го проверува налогот  дали се собрани кучињата кои се посочени од општината а за кои реагирале граѓаните, нема контрола на нивната работа“ – вели Мазнев.

Тој проценува дека во градот има околу 300  бездомни кучиња.

Од ЈП за заловување и третман на бездомни кучиња „Стационар Лана“ Струмица ги отфрлаат обвинувањата дека вината за зголемениот број на бездомни кучиња во Велес е до нив.

„Работиме по налог од општината, која посочува локации по поплаки од граѓани.Ги третираме приоритетните бездомни кучиња, бремени кучки, кучиња околу градинки, школи. Откако ќе ги заловиме бараните кучиња, одиме со 12 кафези и остане празно  место, заловуваме други од централното градско подрачје, од главните улици. Има многу лаги кои се пласираат за нас, дека ги оставме женките во циклус. Нашата работа се познава по тоа, колку приплод ќе има следната година. Ние работиме во повеќе општини а реакции имаме само од Велес. За жал во Велес на општинско ниво, не постои долгогодишна стратегија за работа со бездомните кучиња. Така не е позната бројка колку улични  кучиња има во градот. Во Струмица го знаеме бројот. Здруженијата од Велес не  помагаат со што индиректно овозможуваат бездомните кучиња да ги има повеќе. Верувам дека една од причините за зголеменито број на каснувања е зголемениот прилив на улиучни кучиња, кои се напуштени од сопствениците или дислоцирани од друг град. Старите си ја чуваат територијата, новите барат место за живеење и се зголемува агресивноста. Куче кое не го положило тестот за социјализација, покажува агресивност кон друго куче кон луѓе, од нашиот стационар не е вратено на улица“- вели  Сузана Стојкова  дипломиран магистер по ветерина директор на ЈП „ Стационар Лана“.

За околу 10 месеци работа во Велес, тие имале заловено, стерилизрано и вакцинирано стотина бездомни кучиња.

Според полицискиот билтен од средата 3 април, за 12 часа во градот на три различни локации, тројца граѓани пријавиле дека се каснати од бездомно куче.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

  • да
  • не
Резултати