Обновена е спомен плочата на Гемиџиите, со што е исправена децениската грешка, оти Константин Кирков беше два пати впишан на неа (фото)

Петар Печков

За 121 годишнина од  Солунските атентати, локалната власт од Велес ја промени спомен плочата  поставена пред споменикот, поставен кај Мало мовче. Ова доаѓа откако ТрМр минатата година посочи дека името на еден од Гемиџиите, Костадин Кирков, два пати е запишано на мермерната плоча. Тогаш градоначалникот Марко Колев најави дека оваа грешка, која беше присутна 13 години, ќе ја исправи.

„Во чест и спомен на Гемиџиите денес им оддаваме почит на храбрите велешани кои го дадоа животот за Македонија. За да ги помнат идните генерации, ја обновивме оваа спомен плоча со нивните имиња“ – кажа Колев.
 
Ова е трета спомен плоча, со имињата на  Гемиџиите, поставена пред споменикот подигнат во нивна чест. Првата беше со букви од месинг кои често се крадеа. Таа беше поставена на откривањето на споменикот на Гемиџиите, дело на академскиот вајар Станко Павлевски  август 2002-та. Досегашната мермерна спомен плоча беше поставена април 2011 година. На споменикот  цвеќе положија и членови на семејствата на Јордан Поп Јорданов и Милан Арсов.

Општина Велес секоја година оддава  почит на Солунските атентатори, оти повеќето од нив се велешани - Јордан Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Милан Арсов, Георги Богданов, додека  Павел Шатев е од Кратово , Марко Бошнаков од Охрид, Цветко Трајков од Ресен.  Од нив Шатев, Бошнаков, Богданов и Милан Арсов кој имал само 19 години,  ги преживеале атентатите.

Од 28 април до 1 мај 1903 година со низа атентати изведени во Солун, група на млади, повеќето велешани сакале  да го свртат вниманието на европската јавност за македонското прашање. Гемиџиите успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција во Европа на нивното време. Во воздух бил дигнат бродот Гвадалкивир, Отоманската банка, Поштата, гасната централа за струја, на пругата Солун - Истанбул, театарот „Алхамбра“ ...

По  реката Вардар  беше пуштен  венец во спомен на младите велешки Гемиџии.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

  • да
  • не
Резултати