Петар Печков
Објавено: вторник, 08 јули 2025
Заврши реконструкцијата и санацијата на долниот дел од мостот на Башино Село, близу Велес. Поради нарушената стабилност, тој како високо ризичен беше забранет за сообраќај на 3 јануари.
„Водата од реката ги оштетила и гредите и столбовите, затоа главните зафати беа кон нив. Гредите се армирани и засилени а столбовите заштитни со карбонска мрежа. Тие имаат челична конструкција кога ќе ги врзе едни со други, со што ќе се добие поцврста конструкција. Половина од 170 гредни носачи се санирани оти беа во катастрофална состојба. Целта беше нивно санирање, не шминка само да се прави на ликот на мостот“ – кажа Дарко Наков професор од Градежен Факултет Скопје.
Санацијата на мостот кај Башино Село, треба да го продолжи неговиот век на користење за 5-10 години, таа чинеше 320 илјади евра а градежните работи ги изведе фирмата СИНТЕК. Асфалтирањето на горниот слој, уредувањето на пешачката патека и оградата треба да започе до крајот на годинава.
„Санацијата успевме да ја направиме во рок, пократок од најавениот. Со тоа на Велес му овозможивме нормално да фукнционира. До крајот на годината ќе се изврши асфалтирање и уредување на горниот дел од мостот. Мора да се изврши изолација, оти тоа е најважно, водата да не навлегува во внатрешноста. Во тек е постапка за нов мост, кој ќе биде подолу од сегашниот. На есен ќе се бара изведувач, проект има избрано - мостот е со технологија каква немало досега во Македонија“ – рече Коце Трајановски, директор на ЈП Државни патишта.
„По извршената санација, мостот е пуштен за сообраќај, за возила до 40 тони. Возилата можат безбедно да се движат по него. После 15 години, најави и зборувања, решен е проблемот“ – кажа градоначалникот на Велес, Марко Колев.
По затворањето на мостот на 3 јануари, целиот сообраќај се пренасочи низ центарот на градот, па за патување од еден во друг дел на Велес се возеше и по еден час, со огромни колони возила а тешките камиони сообраќаа само ноќе. По реакциите на јавноста, мостот со времен режим на сообраќај, наизменичко пуштење по една коловозна лента, беше отворен на 30 јануари се до денес.