Петар Печков
Објавено: петок, 07 ноември 2025
Даниел Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ е новиот претседател на Советот на Општина Велес, откако на денешната втора по ред седница, доби мнозинство од присутните членови на Советот.
Тој беше предлог на координаторот на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Весна Атанасовска. Јаневски доби 20 гласа од присутните 23 советника. Не гласаа тројцата советници од Левица, додека тројцата советници од СДСМ и советникот од ЗНАМ гласаа ЗА. Согласно статутот, претседавачот Слободан Ников, како највозрасен, кажа дека не се гласа „против“ и „воздржано“, па Јаневски го прогласи за нов претседател.
„Да ви заблагодарам за укажаната повторна доверба, за претседател на Советот на Општина Велес. Ова за мене не е само чест туку и голема обврска, да продолжам со работа, која ќе биде во служба на граѓаните и во интерес на развојот на општината. Да донесеме одлуки кои се реални и корисни за Велес. Горд сум што претходниот Совет функциониреше во духот на демократскиот процес. Во новиот мандат да ја унапредиме соработка со граѓаните, месните заедници, институциите и да носиме одлуки кои ќе го унапредуваат животот во секој дел на општината. Да разговараме за проекти а најмалку за политика“ – порача Јаневски.
Тој и претходно во периодот 204-2025 беше претседател на Советот на Општина Велес. Во продолжение на 2-та седница беа избрани членовите на 11 комисии, тела на Советот на Општина Велес.
Координатор на советничката група на Левица е Димче Ацков а на СДСМ е Јованче Манасков.
