Петар Печков
Објавено: петок, 24 октомври 2025
Државната изборна комисија ги отфрлила сите приговори за гласањето од првиот круг за градоначалник, поднесени во Општина Велес и во Општина Чашка, вкупно 11.
Според претседателот на ДИК, Борис Кондарко приговорите биле за резултатите од гласањето и приговори за постапката за гласањето.
Дел бил повелечени, а дел се отфрлени. Тие што стигнале за разгледување пред ДИК, во ниту еден случај учесникот во изборната кампања, овлaстен претставник на партија или член на Избирачки одбор не најавил во записникот, по затворањето на гласањето, дека има неправилност. Поради тоа сите приговори биле едногласно отфрлени.
Во Велес политичка партија Левица поднесе три а во Опшина Чашка, коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа по четири приговори.
Кондарко појасни дека решенијата за одлуките на ДИК во однос на приговорите ќе бидат изготвени во законски предвидениот рок и по приемот подносителите имаат право на второстепена правна заштита, на тужба пред Управниот суд.
Тоа значи дека резултатите за избор на градоначалник во двете општини уште не се конечни.
Суат Шаќири кој освои најмногу гласови на неделните локални избори, за градоначалник на Општина Чашка, вели дека нема да ги дели граѓаните по ниту една основа.
„Јас ќе бидам гласот на Општина Чашка, апсолутен победник на најдемократски начин, и ќе бидам еднаков за сите граѓани, без верски и национални разлики. Тоа го гарантирам и ќе бидам нивниот глас додека сум таму. Ќе ги спроведувам законите и уставот на оваа држава. Им порачувам на македонските жители – истото што им го кажував од врата на врата – Америка не изгуби ништо кога доби човек со боја на кожата, и македонската страна треба да знае дека јас не сум виновен што сум Албанец, туку ќе ги претставувам со највисоко достоинство, без национални и верски пристрасности, изјави Суат Шаќири, иден градоначалник на општина Чашка.
Процесот на разгледување на приговорите во ДИК, пред влезот на оваа институција, го следеа и беа собрани десетина граѓани, поддржувачи на Шаќири.
За локалните избори во Чашка имало масовна мобилизација, медиумите на албански јазик во Македонија проценуваат дека речиси 600 иселеници допатувале од земјите на Европа, што авионски што со автобуси, за да го остварат право на глас во селата во Чашка каде доминантно е албанското население – Долно и Горно Јаболчиште пред се.
