Петар Печков
Објавено: понеделник, 20 октомври 2025
Во Општина Лозово ќе има втор круг за избор на градоначалник. Таму се кандидатите на СДСМ Ацо Велковски и на ВМРО-ДПМНЕ Бошко Цветковски. Тие на вчерашните локални избори освоија Велковски 46,07% а Цветковски 40,55% од гласовите. Излезеноста во Општината беше 74,17%.
Советот на Општина Лозово брои девет членови мнозинство има коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со три советника, два има СДСМ, по еден Левица, ЗНАМ, ДПТМ и листата на Сузана Јованова Илиевска.
ТрМр веќе објави а ДИК потврди, дека градоначалник на Општина Чашка е Суат Шаќиров кандидат на ДУИ. Тој според ДИК доби 50,71% од излезените гласачи, а другите двајца кандидати Горан Стојановски од СДСМ има 24,24% а Дејан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ 23,45%. Излезеноста во Општина Чашка беше 74,56%.
Во Советот, кој брои 11 члена, апсолутно мнозинство има ДУИ со шест советници а ВМРО-ДПМНЕ има три, СДСМ има два.
И во Општина Градско, по првиот круг е избран градоначалник. Тоа е старо-новиот, Киро Нацков од ВМРО-ДПМНЕ со втор мандат. Тој имаше 72% освоени гласа. Излезеноста беше 57,21%.
Апсолутно мнозинство во Советот на Општина Градско за ВМРО-ДПМНЕ со седум советници а СДСМ има два.
Податоците се според ДИК, официјални но не и конечни. Учесниците имаа право на жалба.