Петар Печков
Објавено: петок, 03 октомври 2025
Голем е бројот на жени жртви на семејното насилство, кои во текот на истрагата ја повлекуваат нивната изјава и со тоа се затвора можноста сторителот да се најде пред судот и одговара за неговите постапки. Лани од вкупниот број на предемти 64 кој ги оформил ОЈО Велес за семејно насилство, 24 биле отфрлени затоа што жртвата се повлекла. Во 2023 година имало 29 такви случаи.
„Со Кривичниот законик насилникот, сторителот, не се гони по службена должност, туку по пријава на жртвата. Жртвата од многу причини се повлекува по поднесената пријава, може е економски зависна, станбено, срам од јавноста. Се случува често жртвата да се повлече и пријавата паѓа. Доколку сакаме да се променат работите во заштита на жената жртва, мора Кривичниот законик да се смени, државата да стои зад гонењето на сторителот“ – вели Ангелина Босилкова, пензионирана судијка од Основен суд Велес.
Намален е бројот на случаи на семејно насилство во велешко во 2024, споредено со 2023 година. Бројките на СВР Велес за лани се 76 а 59 година дена претходно. Центарот за социјални работи Велес лани регистирал 73 а претходно 68. Психолозите велат дека бројките не се реален одраз на состојбата.
„Бројките на пријавени случаи се на жени кои се охрабриле да пријават, не дека и толку случаи има реално. Од различни причини жената жртва не пријавува“ – вели Ангелина Димовска Стојанова, психолог во Организацијата на жени Велес.
Од вкупниот број на поднесени обвиненија на ОЈО Велес до Основен суд, голем е бројот на пресуди каде се изречени алтернативни мерки, условни затворски казни. Лани од 32 поднесени обвиненија во 20 случаи се изречени условни осуди а во три решенија за задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа. Во 2023 година состојбата била слична, од 24 одлуки на судијата 20 била изречена условна затворска казна, во три психијатриско лекување а во еден случај парична казна.
Според Центарот за социјални работи Велес, минатата година имало вкупно 62 пријавени случаи со 68 жртви. Од нив 57 се жени, 11 мажи, 6 деца. Од децата жртви едно е машко, пет се девојчиња. Сторители на семејно насилство најчесто се мажи, во 12 случаи жени. Преку годината во Шелтер центарот за жртви од семејно насилство во Велес имало сместено шест лица од кои пет жени и едно дете. Според евиденцијата на СВР Велес во текот на 2024 година, биле пријавени вкупно 59 случаи на семејни насилства.
Правниците велат, има многу институции вклучено во решвањето на проблемот и тешко е да се лоцира кој затаил.
„Проблемот не е едноставен, бидејќи во неговото решавање учествуваат премногу странки. Центар за социјални работи, Јавно обвинителство, МВР, адвокати, суд, оштетени, жртви, сведоци..За да се најде каде е пропустот, потребно е да се констатира кој не го извршил потебниот надзор, не биле преземени одредени дејствија во постапката. Семејното насилство е сложена постапка, поврзано со семејните односи. Не ретко употребата на дрога, зависност, алкохол, потоа користење брзи кредити, обложувалници, коцкарници, казина, доведува до нарушени односи внатре во семејството, до степен на неподносливост, кој потоа ескалираат. Потребна е длабока анализа, дали кај посоченото лице мерките воспитно влијаеле или не. Штом има едно прекршување на времените мерки, ќе има ново, следи трето. Службите треба да констатираат дали кај сторителот има каење, дали е тоа вистинско или декларативно. Има ли омраза, намера да продолжи да го прави, да се осветува, тогаш мора да се пременуваат поригорозни мерки“ – кажа Гроздан Сутинов, адвокат од Велес, кој има 20 годишно искуство во оваа проблематика.
Жената е најчесто жртвата при семејното насилство, потоа се децата и има случаи со мажите. Но жртвите тешко го препознаваат почетокот на семејното насилство., кое не е само физичко удирање, има и други форми, економско, емоционално, психичко, сексуално.
„Битно е да се препознаат првите знаци за рано да се открие и да се избегнат следните настани, и избегне ситуација која може да се случи, состојбата да ескалира. Жртвата, жената може да се заштити ако разговара со некој нејзин близок, во кој има доверба. Има можност за психолошка поддршка, во различни институции, граѓански здруженија, каде е бесплатна. Може да се јави и на С.О.С. линијата. Сторителите имаат тенденција да ги изолираат жртвите од средината, да нема каде да се обратат, да нема каде да побараат помош и да продолжат со нивните насилнички постапки. Сторителот ја омаловажува жртвата, ја навредува и тоа го прави пред други лица, со цел да покаже дека не е вредна“ – вели психологот Василија Јорданова.
Локалната власт и нејзините дела во соработка со здруженијата на граѓани, работат на подигање на свеста за оваа проблематика, преку едукативни програми, превентивни активности и поддршка за жртвите.
„Насилство не е приватен проблем – тоа е општествена одговорност која бара решителна и итна акција од сите нас. Потребно е доследна примена на законите и силен институционален одговор, брза и ефикасна заштита за жртвите, зголемување на капацитетите на кризниот систем за поддршка, воведување образовни и превентивни програми во училиштата и заедниците, континуирана едукација за сите институции што постапуваат во случаи на насилство“ – вели Весна Атанасовска, претседател на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените при Советот на Општина Велес.