Петар Печков
Објавено: петок, 02 јануари 2026
Во 2026-та нè очекуваат дури 7 продолжени викенди. Ѐве кои денови се неработни во 2026-та. Во 2026-та година ќе има вкупно 7 продолжени викенди за сите граѓани, а за граѓаните од православна вероисповед има дополнително уште три, односно вкупно 10. За празниците што важат за сите граѓани, важи правилото дека ако паѓаат во недела, неработен е и наредниот ден, па затоа во календарот има неколку „поместени“ понеделници.
Продолжените викенди за сите граѓани ќе бидат во следните периоди:
• Март: Првиот споен викенд доаѓа со Рамазан Бајрам (20-22 март).
• Април: Велигденските празници носат три неработни дена (11-13 април).
• Мај: Дури два продолжени викенди – за Денот на трудот (1-3 мај) и за „Св. Кирил и Методиј“ (23-25 мај).
• Август: Илинденските празници ќе се празнуваат од 1 до 3 август.
• Октомври: Есента носи два споени викенди за Денот на востанието (10-12 октомври) и за Денот на револуционерната борба (23-25 октомври).
Дополнителни слободни денови
За верниците од православна вероисповест, бројот на продолжени викенди е уште поголем. Со празниците како Водици (19 јануари), Велики Петок (10 април) и Голема Богородица (28 август), вкупната бројка на продолжени викенди за овие граѓани достигнува до десет.
За сите граѓани неработни се:
1 јануари (четврток) Нова година,
7 јануари (среда) Божиќ според православниот календар,
20 март (петок) Рамазан бајрам,
13 април (понеделник) втор ден Велигден според православниот календар,
1 мај (петок) Ден на трудот, 25 мај (понеделник) како неработен ден поради 24 мај „Св. Кирил и Методиј“ што паѓа во недела,
3 август (понеделник) како неработен ден поради 2 август Илинден што паѓа во недела,
8 септември (вторник) Ден на независноста,
12 октомври (понеделник) како неработен ден поради 11 октомври што паѓа во недела,
23 октомври (петок) Ден на македонската револуционерна борба и 8 декември (вторник) „Св. Климент Охридски“.
Покрај овие датуми, законот предвидува дополнителни неработни денови за одделни верски заедници и етнички заедници.
За граѓаните од православна вероисповед неработни се и 6 јануари (вторник) Бадник, 19 јануари (понеделник) Водици, 10 април (петок) Велики петок, 29 мај (петок) Духовден и 28 август (петок) Голема Богородица.
За граѓаните од католичка вероисповед неработни се 6 април (понеделник) втор ден Велигден, 1 ноември (недела) Сите светци и 25 декември (петок) Божиќ.
За граѓаните од муслиманска вероисповед неработен е 27 мај (среда) првиот ден на Курбан бајрам.
За припадниците на албанската заедница неработен е 22 ноември (недела) Ден на албанската азбука, за српската 27 јануари (вторник) Св. Сава, за ромската 8 април (среда) Меѓународен ден на Ромите, за влашката 23 мај (сабота) Национален ден на Власите, за еврејската 21 септември (понеделник) Јом Кипур, за бошњачката 28 септември (понеделник) Меѓународен ден на Бошњаците и за турската 21 декември (понеделник) Ден на настава на турски јазик. Овие празници се неработни само за граѓаните на кои им се однесуваат.
