Петар Печков
Објавено: петок, 08 август 2025
Ќе се менува вертикалната сигнализација пред исклучокот на експресниот пат Прилеп -Градско, откако на ова место се случија повеќе сообраќајки изминатите два месеци. Во нив починаа три лица, а повеќе се потешко повредени. Итно се прави сообраќаен проект за исклучувањето од новиот експресен пат Прилеп-Градско. Овој дел од експресниот пат е т. н. црна точка, бидејќи свиокот е остар и се случуваат несреќи.
Директорот на Јавното претпријатие Државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски вели дека пред 20 дена е даден налог за ново сообраќајно решение со кое ќе се постават повеќе сообраќајни знаци, кои ќе ги предупредуваат возачите дека треба да ја намалат брзината пред исклучувањето.
„Новото сообраќајно решение е направено, потребно е да се одобри од Министерството за транспорт и врски и веднаш ќе почне да се реализира. Станува збор за наследен проект од минатото раководство кој бил одобрен од сите институции. Спротивно на тоа не може да се работи, бидејќи кривично ќе се одговара. Сега за да се зголеми безбедноста можеме само да поставиме повеќе сообраќајни знаци“, вели Трајановски.
Трајановски вели дека се размислува и се водат консултации и за нов градежен проект за овој дел, што е поголем зафат.
„Со нов градежен проект би требало да се направат мостови за исклучувањето. Во консултации сме се експерти и професори околу ова прашање“, вели Трајановски.
На 6 август две лица, сопружници од Делчево загинаа откако со автомобилот излетаа од патот односно од исклучувањето. На 25 мај камион излета од исклучокот,а возачот почина од здобиените повреди.