Петар Печков
Објавено: петок, 12 декември 2025
Мал спортски авион паднал во водите на Мавровско езеро. Настанот се случил на пладнево, околу 12,30 ч. двајцата патници има повреди, констатирани во Општа болница Гостивар.
Според Центарот за управување со кризи (ЦУК) тоа бил приватен авион управуван од косовски државјани. Авионот бил марка „Piper“ со американска регистрација N5005W, за четири лица.
„Мал авион се урна во Мавровско Езеро. Во авионот имало две лица, од кои едното е повредено. Инцидентот бил пријавен на број 112, а информацијата веднаш е проследена од страна на ЦУК до СВР-Тетово, Итната медицинска помош (ИМП) и Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК-Тетово) за итна интервенција“ – соопштија од ЦУК.
Во авионот се наоѓале двајца косовски државјани, 64-годишниот пилот Д.М. и неговиот сопатник, 41-годишниот Џ.П. И покрај шокот од падот, тие успеале сами да излезат од авионот што тонел и да се стигнат до брегот.
Во првичниот разговор со полицијата, пилотот Д.М. ја разјаснил причината за несреќата. Тој појаснил дека додека летале, настанале ненадејни проблеми со моторот на авионот, поради што бил принуден да изврши ризично слетување директно во површината од езерото. Надлежните служби продолжуваат со увидот за целосно расчистување на случајот.
