Петар Печков
Објавено: среда, 03 декември 2025
Велес нема подземен катастар и тоа е проблем што не се знае под која улица што има или нема, кој капацитет на водоводна, канализациона, атмосферска мрежа, струја, кабелски оператори..Улицата Раштански пат, која од крстосницата кај БРАКО води до Киро Ќучук а потоа и до Ветеринарната станица, подолг период се реконструира. Граѓаните кои ја користат реагираат а на последната седница советникот Димче Ацков праша зошто толкав период се изведуваат градежните работи, изведбата ги опфатила сите четири годишни времиња и се работела подолго отколку кога се градела.
„Велес нема подземен катастар и работите ги осознаваме кога ќе почне да се работи улицата, за тоа каква е подземната состојба. Мислам на водовод, канализација, кабелски оператори, атмосферска одводна мрежа, струја. Кога се започна оваа улица со темелна реконструкција, тоа опфати вадење на цел слој асфалт, вадење на тампон, нови ивичници , нови тротоари. Има и друга можност се вади само горниот слој, се гребе три сантима, па по три години пак се преправа, тогаш не се гледа што има доле. Кога се отвори оваа улица, се виде дека шахтата е во дворот на БРАКО, не знам од кои причини, а зошто е важна таа шахта. Ако нешто затреба, треба да се интервенира преку неа. Фекалната канализација не ги задоволува потребите на се што сме издале за градба или пак ќе се гради. А зборувам за зградите на Атлантис и Пескара вел. Но според ДУП, од овие објекти до индустриска зона УЗУС има локација за уште 6-7 згради, вцртани но не кога јас сум бил градоначалник. Тие згради ќе се градат во некој следен период, и за нив треба инфраструктура. Сфативме ако сега ја асфалтираме а не ги решиме состојбите кои ќе се јават во иднина, треба за 2-3 години пак да ја копаме. Дополнително, водоводната мрежа не е во таква состојба да ги задоволи потребите. Пред една година преку улица Луј Пастер донесовме цевка, благодарејќи на помошта на Дени, кој помогна. Градежната фирма нема врска со динамиката на работата, на доцнењето. Копаше ЕВН, па кабелските оператори Телеком, А1, Немаше осветлување, од Брако нагоре ставивме инсталација, канделабри. Затоа се одолговлечи изведбата. Дојдовме во фаза кога се завршени нашите работи, на ред е градежната фирма која ја работи да ја тампонира и постави еден слој асфалт, вториот напролет, кога ќе се стопли, бидејќи временските услови не дозволуваат работа“ – кажа градоначалникот Марко Колев.
Втората улица кај Ветеринарната, таа треба да поврзува со обиколницата за Чашка, која треба да се гради, сега била во фаза на проектирање. Целта на изградбата на обиколницата да се избегнат сообраќајните гужви низ градот.
„Ја крпиме но и таа е за целосна реконструкција. Овие две улици ќе бидат најважни за преку нив да сообраќаат тешките возила од БРАКО, од Царина, од индустриска зона УЗУС. Да се избегне тие да сообраќаат низ град, низ Нова населба“ – додаде Колев.
