Петар Печков
Објавено: недела, 25 мај 2025
На годинешната свечена церемонија на најпрестижните театарски награди во Бугарија – АСКЕЕР, претставата „Без крв“ освои неколку од значајните признанија.
Копродукцијата на Драмски театар Пловдив и Театар Џинот – Велес, ја освои наградата за најдобра претстава на професионалниот театар во Бугарија. Режисерката Диана Добрева, беше наградена со АСКЕЕР за најдобра режија. Раде Василев и Елена Вангеловска, кои ја понесоа наградата за најдобра костимографија, дополнително зацврстувајќи ја естетската сила на „Без крв“.
Композиторите Сашко Костов и Јавор Карагитлиев беа номинирани во категоријата за оригинална театарска музика, а Валентин Светозаров доби номинација за најдобра сценографија, со што уште повеќе се заокружува високиот креативен домет на овој проект.
Наградите АСКЕЕР се доделуваат од 1991 година. Претставата која е работена по текст Александар Барико, на 17 мај беше изведена на Меѓународниот театарски фестивал „МИТЕМ“ во Будимпешта, Унгарија.
Во претставата настапуваат актерите Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Исидор Јованоски и Филип Христовски. Таа беше изведена лани есента на МОТ во Скопје и засега не е одиграна на велешкката сцена, иако финансиски беше поддржана од Министерсвото за култура.