Петар Печков
Објавено: среда, 09 јули 2025
Гасоводот кој треба да ја поврзе Македонија со Грција, значи поврзување со европската енергетска мрежа и помала енергетска зависност на земјава. На свеченост во близина на Демир Капија, се означија градежните работи на изградбата на цевковод, кој треба да донесе природен гас во Македонија. Тој е во должина од 67 км до грчката граница. Граджните работи ги изведува фирмата Рапид билд од Куманово, која ги доби работите на јавен повик.
„Изградбата на интерконекторот е од Гевгелија до Демир Капија. Има една редукциска станица и четири станици. Треба да се совладат неколку природни пречки, реки, патишта, железница. Ова е сериозен инжинерски зафат, кој бара посебни методи за премин на река Вардар и река Бошава. На трасата има доста карпест терен за совладување, што бара соодветна механизација за пробивање. Од потпишувањето на договорот и воведувањето во работа, досега имаме пробиено 12 км од 67-те. Интензивно работиме и се надеваме дека во перидот до 22 месеци ќе го поставиме цевководот“ – кажа Тони Каранфиловски сопственик и управител на фирмата Рапид билд.
Но се уште има нерасчистени парцели со експропријација, нераскинати договори за закуп на земјоделско земјиште, каде изведувачот не може да влезе да работи. Има и предели под шума за кои треба дозволи за нејзина сеча, и дрвната маса да се однесе од локацијата. Се тоа тоа треба инвеститорот НОМАГАС и градежните работи да се одвиваат непречено..
„Ова е капитален и стратешки значаен и за нас и за регионот. За релативно краток период успеавме да ги завршиме сите неопходни постапки. И да започнеме со негова конкретна реализација. Тој немаше да се реализира без помош на ЕУ. Со него ја зајакнуваме енергетската безбедност, го унапредуваме процесот на диверзификација на снабдување со природен гас“- кажа Мухмет Елмази директор на НОМАГАС ЈСЦ Скопје.
Користа од гасоводот е за широк круг, се обезбедува стабилно снабдување на индустријата, пониски цени за домаќинствата, поголема конкурентност за компаниите.
„Драго ми е што македонска фирма го доби тендерот за изградба. Тоа зборува дека има успешни компании кои се конкурентни и можат да ги добијат меѓународните тендери. Ова е одлична вест за економијата“ – кажа Бјорн Габриел претставник на Европската инвестициска банка, која заедно со Европската банка за обнова и развој, ја финансираат изградбата на цевководот.
Вредноста на инвестицијата е 3,7 милијарди денари, или 60 милиони евра, средства обезбедени од двете банки. Цевководот обезбедува и економски придобивки, но и еколошки, замена за загадувачките горива, дрва и мазут во региони каде се уште се користат.
„Ова не е инвестиција во цевки и бетон, туку во енергетската независност. Овој гасоводен интерконектор ќе донеце нови извори на пририоден гас, со што конечно стануваме дел од Европската енергетска мрежа“ – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Со изведувачот Рапид билд, беше потпишан договорот во мај, откако претходно доставил најповолна понуда на повикот за избор на оператор.
Инвеститор е националната гасоводна мрежа НОМАГАС, а проектот се финансира од меѓународно кредитирање. Компанијата „Рапид Билд“ понуди најниска цена од 59,9 милиони евра, што беше за 12 милиони евра пониска од второрангираната понуда на фирма од Србија.
Од грчка страна интерконекторот е со должина од 123 километри и тој е речиси готов. За Македонија единствената врска за природен гас е преку Бугарија.