Петар Печков
Објавено: вторник, 12 мај 2026
Фирма ангажирана од ФФМ изведувала градежни работи на помошното фудбалско игралиште во Велес, со цел отстранување на констатираните недостатоци констатирани од комисијата на Општина Велес. По нивното завршување објектот, кој е лоциран во Градски парк, треба да биде примен од локалната власт на Велес. Ова го најави градоначалникот Марко Колев, одговарајќи на поставеното прашање од ТрМр.
„На новото, сегашното актуелно раководство на ФФМ им ги објаснив сите забелешки кои ги има за помошното фудбалско игралиште. Тие ги прифатија. Едно е пишано на хартија а друго е изведено во пракса. Општина Велес ниту сега, ниту во иднина ќе прими таков објект. Има одредени дејствија кои ФФМ ги има преземено, за водата, за прскачите, се отстрани земјата се поставија нови бусени. Работат за да може општината да го прими објектот. Не можеме да го примиме додека не се отстранат констатираните недостатоци“ – кажа градоначалникот Марко Колев, одговарајќи на поставеното прашање од ТрМр.
Локалната власт заедно со ЈП Спорт и паркинзи планираат објектот кога ќе биде завршен да го предадат на користење на Општинскиот фудбалски сојуз.
„За ваква една одлука ќе треба да се изјасни Советот. Да не го стопанисува ЈП, туку ОФС Велес. Таму, на овој помошен стадион, кој има и седишта да се играат натпреварите од Општинската фудбалска лига, женскиот фудбал, да се растовари градскиот стадион. За таа цел ќе издвојуваме годишно средства, за негово одржување. Стадионот треба да добие нова атлетска патека и на тој начин сакаме да ја заштитиме, да нема многу корисници, кои со копачките би можеле да ја оштетуваат, како што беше случај со претходната патека.
Игралиштето започна да се реконструира на 2 јуни 2021 година. Тогашниот претседателот на ФФМ Муамер Сејдини, при почетокот на работите кажа дека инвестицијата е околу 400 илјади евра, со средства и проект од УЕФА а рокот на изведба беше една година. Требаше да се постави висока мрежа, за топката да не завршува во Вардар кој е на десетина метри, новата трибина да има 1.125 столици и требаше да биде осветлено, но не и за да се играат ноќни натпревари, туку само за тренинг.
Овој проект, реконструкција на помошно фудбалско игралиште во Велес, беше најавен во јули 2018-та, за работите да почнат по три години. Ни по пет години од почетокот на реконструкцијата, работите не се завршени.
