Светски ден за борба против СИДА 1 декември, во Велес годинава еден нов случај

Петар Печков

Денес 1 декември  се одбележува   Светскиот ден за борба против СИДА 2025, под мотото „Надминување на нарушувањата, трансформирање на одговорот кон СИДА“. Светската здравствена организација повикува на меѓународна соработка и пристапи засновани на човекови права,  за ставање крај на СИДА до 2030 година.

„Животоспасувачките услуги се нарушени, а многу заедници се соочуваат со зголемени ризици и ранливости. Сепак, и покрај предизвиците, надежта опстојува во одлучноста, издржливоста и иновацијата на заедниците кои се стремат да ја стават СИДА во историјата“ – посочуваат од Светската здравствена организација.

Годинава, заклучно до 27 ноември во Велес има регистрирано еден нов случај на ХИВ, не и на СИДА а во Македонија  има 38 новопријавени случаи.  Најмногу има во Скопје 15, Тетово три и по два во Прилеп, Охрид, Виница, Струга, Кочани и по еден во Пробиштип, Делчево, Куманово, Битола, Кичево, Крива Паланка, Гостивар.  ХИВ е кога лицето е носител а СИДА кога се заболени. 

Во Македонија годинава има починато три лица до СИДА, по еден во Скопје, Гостивар и еден странец.

Не постои лек за ХИВ инфекцијата. Меѓутоа, со пристап до ефикасна превенција, дијагноза, антиретровирусен третман и грижа за ХИВ, вклучително и за опортунистички инфекции, ХИВ инфекцијата стана хронична здравствена состојба, овозможувајќи им на луѓето што живеат со ХИВ да водат долг и здрав живот.

Македонија е земја со ниска преваленца на ХИВ, од 1987 до 2025 (заклучно со 27.11.2025) се регистрирани 726 случаи на ХИВ/СИДА, но во последните години се бележи нагорен тренд, 32% од сите случаи се регистрирани во последните пет години. 

Просечната возраст на регистрирани случаи кога била поставена дијагнозата е 34 години. Дистрибуцијата по возраст укажува дека најзафатени се сексуално активни лица на возраст од 20-39 години кои чинат речиси три четвртини од дијагностицираните случаи.

Во периодот од 1987 до 2025 година (заклучно со 27.11.2025), вкупно 138 од дијагностицираните лица во Македонија починале поради причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 18,2%.
Со воведувањето на антиретровирусната терапија, преживувањето на лицата кои живеат со ХИВ е значително подобрено, во последните 10 години од 447 регистрирани случаи регистрирани се 33 смртни случаи што претставува стапка на смртност од 7,4%.

Кумулативно, најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје со 50 лица, па Тетово 17, Охрид 9, Прилеп и Штип по 7, Куманово и Кичево со пет. Струмица и Велес по 4, Кочани и Кавадарци по три, Битола, Гостивар, Струга, Дебар, Виница, Крива Паланка по два и по еден во Свети Николе, Пробиштип, Дорјан, Кратово, Демир Хисар, Ресен и Делчево.

Во Велес за период од 1987 до 2025 година има регистрирано  23 случаи, 15 со ХИВ, 8  СИДА и четворица починати лица.

Податоците се од Оддел за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје

Поврзани »

Експанда ДООЕЛ

ПРОДАЖЕН ЕКСПЕРТ
Локација: Велес
Број на работни места: 2

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали имаше реални попусти за „црниот петок“?

  • да
  • не
  • зависи од дуќанот
Резултати