Петар Печков
Објавено: петок, 19 декември 2025
Сабота вечер ќе се одржи хуманитарeн оперски настан за поддршка, наменета за лицата со попреченост. Настанот е најавен за сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, со почеток од 19ч. Концертот го организира овластениот и лиценциран давател на услугата „Живеење со поддршка“и Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес.
Во магичната предновогодишна атмосфера на класичната музиката ќе настапат
Полина Тасева – сопран
Вариса Хајдарпашиќ – сопран
Вероника Караколева- сопран
Магдалена Тодоровска – сопран
Влатко Груевски – тенор
Дарко Тодоровски – бас баритон
во придружба на Андреј Наунов – пијанист/ диригент и Фросина Џини – пијанистка
Програмата е во два дела првиот со познати арии -класични дела, канцони, романси, потоа во вториот дел со популарни македонски евергрин песни.
Оваа вечер е почеток на Кампањата „Заедно за нов дом“ која ќе се спроведува во текот на 2026 година и ќе овозможи запознавање со услугата „Живеење со поддршка“ и можност за зголемување на капацитетите на истата, со оформување на четири мали нови групни домови.
„Овие наши врвни уметници со своите изведби ќе придонесат оваа вечер да биде исполнета со благородна цел – целосниот приход од влезниците од концертот е наменет за поддршка на лицата со попреченост, корисници на социјалната сервисна услуга „Живеење со поддршка“. Оваа услуга обезбедува независно живеење на корисниците во станбени единици со 24 часовна поддршка од страна на стручни лица и негуватели за поддржано живеење. Тимот им обезбедува остварување на основните и инструменталните активности во секојдневниот живот, социјализација и интеграција во општеството“ – кажа Далиборка Златева претседател на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености.
Донациските влезници за настанот, се по цена од 1000 денари.
