Петар Печков
Објавено: вторник, 01 јули 2025
Дваесетте електрични велосипеди, набавени од локалната власт во септември 2021 години, ниту по толку време не се во фукнција. Поставени се во холот на Спортската сала Гемиџии, безмалку четири години неискористени.
Со одлука на Советот од 2021 гидина, 20-те електрични велосипеди се доделени на ЈП Парк Спорт за користење. Во 2023 е донесена одлука на Советот, за начин на користење, но и по толку години Општина Велес, не доделила финансиски средства. На седница на Советот, нивното ставање во функција се актуелизираше.
„Одлука на Советот треба да се почитува“ –одговори Зоран Јаневски, директор на ЈП Парк спорт на прашањето од советникот Трајче Миланов, дали има водено разговори за одвојување на средства, за ставање во функција на електричните велосипеди.
ЈП ПСП во 2023 и писмено се обратила до локалната власт, за добивање на одобрените финансии. Средствата се потребни меѓу другото и за задолжително сервисирање и одржување на велосипедите, кои откако се купени, не се користени.
Набавката на 20 електрични велосипеди, во септември 2021 беше во вредност од 2,7 милиони денари, вклучува смарт брави за заклучување, софтверско решение и апликација за корисниците. Средствата беа обезбедени од грант на ЕУ во рамките на проектот „Паметно езеро Младост“. Беа набавени во септември 2021 година.