Мајката која го остави бебето на возраст од шест месеци, на фонтаната во центар на плус 40 доби четири години затвор

Петар Печков

Мајката која го остави шестмесечното бебе во центарот на Велес, и потоа побегна, доби затворска казна од четири години. Ова е пресуда на Основен суд Велес, откако С.К. (22 год)  е прогласена за виновна.

Според обвинението, таа со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување, го запуштила новородено дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 степени целзиусови, го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано. По приемот во велешката болница, таа на кратко го посетила бебето, по што си заминала и не се вратила. На С.К. беше осудена за  кривично дело Запуштање и малтретирање на дете а пресудата е правосилна.

Настанот кој се случи на 12 јули лани, ги вознемири граѓаните, откако минувач го пронајде бебето на клупа во центарот кај јаворите. Тој го однел во велешка болница, каде беше примено во тешка здравствена состојба. Мајката се појавила во болница следниот ден и потоа ја снемало. Беше пронајдена и лишена од слобода на 23.08.2024 година. 

Во текот на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител издадал наредба за утврдување на ДНК профил на бебето и ДНК анализа со кои се утврдило дека обвинетата  е биолошка мајка на бебето.

Бебето во болница било донесено  во тешка општа здравствена состојба, докторите  констатирале неухранетост, тешко било само 4.600 грама, во фебрилна состојба – со температура, поспано, дехидрирано, со сува кожа и очи, со пролив, со халонирани очи.  Бебето  немаше регистрирано име и презиме, ни Извод од матична книга на родени, ниту здравствена легитимација.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Велес (МЦСР), на поставеното прашање одговорија дека бебето е згрижено во Битола.

„Малолетното дете пронајдено оставено само на клупа во центарот на Велес на 12. јули 2024 година веднаш по завршувањето на болничко иследување и лекување и по отпустот од Општа болница Велес, од страна на ЈУ МЦСР Велес е предадено на стручните работници од ЈУ МЦСР Битола, како меснонадлежен Центар за социјална работа за детето, на понатамошно постапување, преземање потребни мерки и активности во насока на згрижување и заштита на правата и интересите на малолетно дете, бидејќи  по целосни проверки во соработка со СВР Велес утврдено е дека мајката  на детето е жител на Битола“ – информираа од МЦСР. 

На поставеното прашање до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Битола, дали бебето добило име, извод од матична книга, здравствена легитимација одговор нема. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ја оценувате работата на Советот на Општина Велес, од мандатот 2021/2025 година? (училишни оценки)

  • 5
  • 4
  • 3
  • 2
  • 1
Резултати