Петар Печков
Објавено: петок, 23 мај 2025
Христина Леова, Даниела Димовска и Вера Трчкова се просветни работници за 2025 година, додека признанијата за најдобри ученици ги добија Кристијан Мартинов и Лука Коциќ. Наградите ги добија на свеченост која ја организираше Општина Велес, по повод 24 мај денот на сесловенските просветители.
Христина Леова го доби признанието за најдобар наставник во општинските средни училишта, таа е професор по англиски јазик во Гимназијата Кочо Рацин, Даниела Димовска е исто така професор по англиски јазик, предава во ОУ Блаже Конески- таа го доби признанието за предметна настава, додека Вера Трчкова, која е дел од наставниот персонал на ОУ Блаже Конески доби признание за најдобар наставник во одделенска настава. Во името на наградените се заблагодари Христина Леова.
„Нашата професија е многу благородна, се радуваме кога ќе видиме какви резултати постигнуваат учениците, или кога ќе видиме во какви возрасни личности сме помогнале да се изградат“ – рече Леова.
Признанија добија и најдобрите ученици, во средното образование Кристијан Мартинов, ученик во трета година во Гимназијата Кочо Рацин и Лука Коциќ најдобар ученик во основно образование деветтоодделенец во ОУ Блаже Коневски.
За секоја категорија одлуките ги носела одделна комисија, која работела по предлозите доставени од училиштата.
Беа наградени и учениците кои ги освоија првите три места на ораторска вечер, Јана Пљокова од Гимназијата, Мерве Исмаилова од Економска и Димитар Кузманов ученик во Гимназија.