Лани секој трет ден велешани дишеле загаден воздух cо ПМ 10 над дозволените вредности

Петар Печков

Секој трет ден минатата година, или  127 дена во годината,  велешани дишеле загаден воздух, со вредности над дозволената   средно дневна концентрација на ПМ 10 честички, која изнесува 50 мг на м3. Тоа е за  92 дена повеќе од дозволениот број на надминувања во текот на една календарска година, кој согласно прописите е 35 дена. Ова се податоците добиени   на новинарското прашање, од одделението за животна средина при Општина Велес.  

Најмногу денови со загаден воздух имало во декември 25, па во  јануари 24 и во ноември 23.  Најмалку, со едноцифрена бројка и имало во октомври девет дена, по  четири  дена во април и во мај,  три дена во август, два дена во септември, еден ден во јуни а во јули немало денови над недозволената граница.   Во февруари имало 18 дена а во март  14.

„Ниту еднаш во 2020 година  не е надминат Прагот на алармирање, тоа е два последователни денови со средно дневни концентрации на ПМ 10 поголеми од 200 микрограми/м3, кога треба да стапат на сила краткорочни мерки за заштита на населението од загадениот воздух. Во текот на 2020 година јавноста е информирана со четири  известувања со  препораки до граѓаните, во случаи кога согласно прописите е надминат Прагот на информирање, над 100 микрограми/m3 во текот на два последователни дена и добиена прогноза за стабилна временска состојба во наредниот период при која воздухот се задржува во приземниот слој на атмосферата и е со слаби струења - без ветар и дожд“ - соопштија од Општина Велес.  

Екологистите пак со став дека бројот на денови со повисоки вредности е висок.

 „Секој трет да има вредности над дозволените со ПМ 10 честички  е висока боја на загаденост. За таа да биде решена потребно е надлежните да испитаат од каде доаѓа загадувањето, кој е причинитетелот. Потребно е сериозно истражување“ - кажа Сашка Коцевска од ЕД Вила Зора.     

Еве каква била состојбата со загаденоста на амбиенталниот воздух во Велес изминатите години.

Во 2014-та  имало 148, а во 2015-та  130 денови, во 2016 – 103 дена надминување на средно дневната концентрација на суспендирани честички PM10, кога мониторинг станицата работи во континуитет.

Од следните  години мерната станица Велес 2, во населба Тунел не работи во континуитет, има денови кога не работи. Во 2017 - 81 ден надминување на средно дневната концентрација на суспендирани честички PM10, мониторинг станицата не работи 26 дена. Во 2018 - 72 дена надминување на средно дневната концентрација на суспендирани честички PM10, мониторинг станицата не работи 6 месеци, За 2019  нема податоци за PM10, заради дефект на дел од опремата станицата не го мери овој параметар.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати