Петар Печков
Објавено: петок, 30 мај 2025
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и Полициското одделение Чашка, на подрачјето на општина Чашка и околните села Сливник, Лисиче и Мелница, реализираа едукативни активности под мотото „Да ги заштитиме нашите шуми од шумски пожари и бесправни сечи“.
На граѓаните им било потенцирано дека потребна е континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци, со цел брза и навремена реакција.
„Во пресрет на летниот период и зголемените температури, расте и опасноста од предизвикување на пожари од невнимание. Затоа, беше посочена потребата од заштита и намалување на ризикот од настанување на шумски пожари и пожари на отворен простор, како и внимателно извршување земјоделски работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви.
Целта на овие активности е да се зголеми безбедносната култура, но и да се зајакне довербата и соработката меѓу полицијата и граѓаните“ - соопштија од МВР.
Во рамки на превентивната активност на граѓаните им било посочено дека е законски казниво палењето на нивните обработливи површини.
Бил поделен печатен материјал со информативна содржина за подигнување на свеста за превенција од пожари, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“ и Шумска полиција.