Душите и телата на повредените настрадаа, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна институционална неодговорност, кажа обвинителот Јанев

Петар Печков

Почитувани…
Катастрофата во Кочани не настана од дејствие или пропусти на една човечка рака... Не настана само како последица на активацијата на пиротехниката таа кобна ноќ на 16 март 2025 година од навидум обичен сценски ефект... кога искрите од пиротехниката донесоа небиднина

Впрочем, снимките кои не потресоа сите и го обиколија светот, се само завршниот и фатален чин на ова институционално невидливо, а реално, многу присутно и
одгаено зло кое исплива на виделина таа вечер...

Во Кочани не изгоре само објектот наречен Клуб Пулс Изгоре со него и илузијата дека одговорните во системот се тука кога треба да заштитат..

Изгоре и вербата дека оној што бил повикан постапил навреме за да спречи, Затоа, изгоре за жал и иднината на невини луѓе, прекрасни млади луѓе кои сакале само радост и забава таа фатална вечер..... Нивните животи згаснаа а, душите и телата на повредените настрадаа, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна институционална неодговорност...

Но не згаснаа нашиот порив и нашата морална и професионална заложба, на вистината да и погледнеме во очи, колку и да е мачна, тешка и болна... Ако премолчиме и ја изгубиме вистината, ако не се соочиме со целосната димензија на оваа ненадоместливата загуба и оваа невидена трагедија, никогаш нема да имаме сила како општество да тргнеме на патот кон заздравување.....

Кочани, колку и да боли, пече и горчи во душите на сите...  повикува и бара легитимни одговори:
Кој дозволи работа на објектот, иако никогаш немал намена за вршење угостителска дејност?
Кој дозволи влез, без да обезбеди излези?
Кој знаеше и имаше должност да проценува ризици, а
дозволи и пресмета профит?
Кој одбра и потпиша молк, наместо санкција и затворање?
Кој не ја согледа смртоносната опасност и услови за
престој во овој клуб ?

Почитувани судии,
Во овој настан нема никаков судир на непознати и непредвидени околности. Овој настан не е несреќа или случајна игра на судбината.

Се работи за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања, овозможен незаконски пат без институционални бариери, траса без предупредувања, калкулиран ризик кој некој го прифатил — но го платија оние што немаа избор.........

Нашиот народ знае да каже: „Подобро да се спречи, отколку да се лечи“....тоа е есенцијата и на превентивното безбедносно делување. Но во овој настан за жал последиците се неизлечиви... затоа што никој никогаш не се ни обидел да ги спречи.....


Затоа, ценет Судечки совет, Вашата задача и улога, нема да биде лесна,
Но кога превенцијата затајува, државата нема друг
одбранбен механизам освен да гони, санкционира и
казнува...
Доказите кои ќе бидат изведени ќе покажат без било
какви дилеми дека:
Злоделото во овој настан не е и не може да биде само
казнивото дејствие на активација на пиротехниката и
искрите кои достигнаа до плафонот и предизвикаа пожар.
Злодело е и самото постоење на овој објект толку години.
Клубот Пулс отсекогаш бил безбедносна смртонсна стапица, буре барут, затоа искрите без никаква пречка имаа каде да потфатат и да зацрнат и уништат толку човекови судбини.

Патот кон пропаста не бил магловит, не бил ниту заслепен од светлата или засенет од димните ефекти во објектот на Пулс.. никулците на ова невидена катастрофа биле одамна изникнати... и сите предуслови за неа, одамна поставени и исполнети...

Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја согледа и види.. Меѓутоа, тие требале, морале и биле должни да ја видат и спречат....

Обвинетиот Дејан Јованов без било какви институционални стеги и контроли за почитување на безбедносните правила и прописи, опасноста никогаш не
го интересирала......доказите многу јасно ќе го потврдат
тоа..... ... Димензијата на преземени дејствија и обемот на пропусти што постоеле кај овој човек се шокантни и запрепастувачки...... ќе можете да слушнете и да видите на што се бил спремен овој човек само заради профит и материјална благодет...... низ материјалните и вербалните докази ќе ги согледате и неговите човечки одлики и особености.....

Бидете убедени дека  ќе Ве потсетат на негативните ликови од делата на Гогољ...Достоевски,.. Орвел... антипод на сите човекови вредности...... .......Но овој човек самиот не успеа да го преврти системот наопаку...
Всушност ни покажа каков систем навистина сме имале,......... Ги исцрта пропустите на лицата кои биле одговорни за превенција и безбедносна заштита.......

Почитувани, суштината на самото постоење на инспекциите е во должноста на одговорните лица во нив, превентивно да делуваат:
Да видат, пред да заболи.......
Да забранат пред да изгори............
Да затворат пред да погребуваме.......
Но овој човек, успешно вегетирал и опстојувал со
години......како низ слалом ги нижел, заобиколувал и ги
одстранувал сите институционални препреки, бариери и
безбедносни правила....

...се што посакал тоа и го добивал.....таму каде што знаел дека не можел да пробие и да го изигра законот, не се ни обраќал...немало  потреба.....сите документи кои морал да ги има, не ги обезбедувал, .......затоа што никој не му ги барал.. ........таму каде што требало да добие заштита и да ги прикрие криминалните потфати тоа и го имал...... консултанти, доушници,  логистичари ...  .....Во најтесна закрила до него ги подредил неговиот кум, неговиот брат па дури и сопственото дете...сите впрегнати  да работат и да кршат закони  по негова замисла..... 

 И никој на овој човек, никогаш не му застанал на пат...
последиците одамна имале опасен и хаотичен, но целосно предвидлив тек....

Почитувани, една стара народна мудрост вели:„не е само важно кој го запали огнот, важно е и кој имал кофа
вода и не ја истурил“.

Во овој настан согледан во сиот обем уште во почетоците на неговото истражување, беше повеќе од јасно дека должноста молчела поради што последицата станала само прашање на време.

Во овој контекст, преку нормативна анализа се утврди дека во делот на должноста за постапување по однос на
безбедносните правила и прописи секој од свој аспект на делување, директно биле повикани: локалната самоуправа односно Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот и пазарен инспекторат, Министерството за економија.

Изведените докази ќе покажат дека кај службените лица
во институциите опфатени со обвинението постоел јасен
образец на игнорирање на безбедносните опасности и појави кои постоеле до самиот критичен момент кога настапила последицата.....

Сакаме веднаш на почеток на ова судење да биде
сосема јасно и начисто:


Временскиот период во кои се протегаат инкриминираните дејствија на обвинетите е долг - навистина ужасно долг! Но за жал, поразително долг!

До овие заклучоци не донесоа конкретните резултати од
истражувањето и беа согледани сите можни кривично правни дејствија, почнувајќи од кобниот 16 март и враќајќи се наназад, а не обратно.

Изведените докази даваат јасни и конкретни смерници кон правно релевантни заклучоци по кои ќе расправаме во оваа постапка за каузалната врска помеѓу дејствијата и последицата.

Коруптивната природа на последната обезбедена лиценца беше доволна побуда и патоказ дека хронолошкиот тек заслужува да биде испитан во неговиот полн обем, независно до каде и да се протега.

Сите лиценци се манливи, а лиценцата по својата функција и цел би требало да биде круна на темелна безбедносна проверка. Доказите покажуваат дека никоја од нив гледано засебно, не смеела да биде издадена.

Во текот на постапката ќе докажеме дека ниту формалните ниту суштинските елементи не биле исполнети за да бидат издадени лиценци за вршење угостителска дејност-кабаре.

Гледајќи ги улогите и пропустите на останатите службени лица од другите државни органи кои партиципираат по законот за угостителска дејност, обезбедените докази јасно говорат дека станува збор за мимикрија на постапување или ако сакате административен декор без суштински безбедносни контроли и проверки кои обвинетите биле должни да ги преземаат. Така доказите не доведоа до 2012 година....

Почитувани оваа година всушност е почетна временска
одредница и нулта точка поради која тврдиме дека од овде започнал вителот на непостапување кој траел се до кобнатавечер....... Зошто тоа што се случило во 2012 година е толку значајно и важно????

Во текот на Октомври 2012 година обвинетиот Дејан
Јованов доаѓа на идеја во објектот во сопственост на
обвинетиот Гроздан Милковски кој служел како магацин за текстил, со намена за лесна индустрија, да го претвори во дискотека. Во текот на постапката ќе говориме за дискотека затоа што „кабаре“ постоело само на хартија, но никогаш и во реалноста.

За таа цел обвинетиот Дејан Јованов ја ангажирал обвинетата Милка Едровска која постапувала строго по
неговите барања и желби... Изготвила основен проект и
елаборати, спротивно на нејзините должности и овластувања предвидени со законот за градење, со неисполнети ниту формални, ниту содржински услови, креирала лажна претстава дека објектот може да се пренамени во дискотека и да исполнува безбедносни стандарди и заштита........

Ваквиот документ претходно не бил доставен на евалуација и одобрение во Дирекцијата за заштита и спасување ниту до Општина Кочани туку тој требало да послужи како параван дека постои некаква стручна проценка за исполнетост на безбедносните услови за работа како угостителски објект или дискотека.

Во моментот кога станало јасно дека на тоа место се подготвува да почне со работа дискотека, раководителот на на одделението за уредување на градежно земјиштето во Оптштина Кочани на 06.11.2012 година испраќа барање за неиздавање лиценца за дискотека насловено до Директорот на Државниот пазарен инспекторат, а кое е препратено до Министерството за економија, во кое укажуваат дека по добиени сознанија ДОО Класик ДМ сака да отвори дискотека, со што истите не се сложувале од причина што тој локалитет бил изграден со објекти за лесна индустрија а и според Деталниот урбанистички план намената на тој локалитет е месна индустрија, а не и за други намени.

Тогаш прв и последен пат се активираат законските проверки и контроли и набргу за само една недела по спроведен инспекциски надзор од Државниот Пазарен инспекторат, на 13.11.2012 година Министерството за економија носи Решение со кое се одбива барањето за издавање на лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре број 13-8498/2.

Ова решение во Министреството за економија го изготвува обвинетиот Џеваир Камбери, чија улога во овој кривично правен настан ќе можете да ја видите се до последната издадена лиценца, а ќе видите и дека за
издавање на некои од лиценците истиот примил поткуп.
Решението е потпишано од Министерот за економија, обвинетиот Ваљон Сараќини.

Ова состојба многу јасно покажува колку лесно бил на дофат ситемскиот заокружен пристап во делот на превенцијата, кога законот бил почитуван и сакале тоа да го сторат, токму оние кои што ваквите услови им биле познати уште при првото поднесено барање, но набргу го заборавиле истото и замижале пред реалната состојба. Обвинетиот Дејан Јованов со ваквиот институционален и законит негативен одговор не се помирил и не седел со скрстени раце.

За само две недели врз основа на ново барање за издавање на лиценца ги отстранил сите бариери што му
стоеле на патот.

Наместо овој пат контролата на исполнувањето на минимално-техничките услови да биде извршена од ДПИ
Кочани, кои биле запознаени со фактичката состојба, барањето од истиот инспектор во Кочани кој знаел што се случува на самото место и дека објектот не ги исполнува МТУ условите било препратено до ДПИ Виница, каде обвинетата Блашка Ефтимова како инспектор, истиот ден по приемот пристсапила кон изготвување на записник за извршен инспекциски надзор УП бр.08-250 од 13.12.2012 година во кој навела дека објектот ги исполнува минимално-техничките услови, иако знаела дека ништо од наведеното во записникот не е точно.

Во моментот кога се составувал записникот, односно истиот ден на 13.12.2012 година, обвинетиот Ваљон Сараќини како Министер за економија, без записникот да биде примен во министерството ја потпишал првата лиценца за вршење на угостителска дејност-кабаре.

Дискотеката почнува да работи, се рекламира и почнала
да се преполнува со недозволен број на гости и малолетници од самиот почеток. Во Општина Кочани настапува целосен молк иако објектот заради неговата намена како дискотека никогаш не смеел таму да постои зошто бил спротивен и на Законот за градење и на ДУП-от на општина Кочани.

Ниту Градоначалникот на Општина Кочани ниту Градежниот инспектор не реагирале и не презеле дејствија на инспекциски надзор иако еклатантно било прекршено деталното урбанистичко планирање на Општина Кочани кое по својата природа нормира и уредува каде еден ваков објект е дозволено да постои. Воопшто не презеле дејствија на проверка и надзор, што всушност Дејан Јованов од градежен аспект вградил и изменил во објектот и никогаш повеќе не се обратиле до Пазарниот инспекторат и Министерството за економија.

Затоа велиме во овој цикличен круг на непостапување не замолчила само должноста туку престанала и совеста.
Желбите на Дејан Јованов да ги изигра институциите и да плаќа помал надоместок за кабаре, наместо за дискотека биле исполнети.

Не само поради недозволеност во намена туку и поради внатрешната површина на објект, никогаш не смеел да биде правно легитимиран како кабаре и по таа основа изостанала санкција и забрана.

Тука се согледува и улогата на Дирекцијата за заштита и
спасување од самиот почеток на настанот, па се до критичните моменти на настанување на последицата. Спротивно на сите процедури, иако до нив никогаш не стигнало барање за оценка на исполнетоста на условите да може објектот воопшто да работи како дискотека, никакви дејствија на проверки и безбедносна заштита не биле преземени.

Во оваа институција од 2012 година, немало инспектор
за заштита и спасување за подрачје на општина Кочани.
Основната цел на постоење на оваа институција- заштита и спасување како што и стои и во нејзиниот назив, не биле исполнети. Доказите ќе покажат дека не презеле никакви превентивни мерки и активности, ниту контрола, ниту надзор, иако сите имаат иста фунцкија и должностите на обвинетите во Дирекцијата примарно се однесуваат на заштита на животите и имотот на луѓето, токму од пожари и отстранување на можните опасности кои произлегуваат од истите. Кога ќе ги погледнете годишните планови и извештаи за работење на оваа институција, ќе видите дека само декоративно на хартија предвидувале редовни надзори. Не постои никаква корелација помегу она што е планирано и реализирано. Се останало само на „ЌЕ“, целосно свесни дека инспектор за заштита и спасување за да превентивно делува на подрачје на општина Кочани, не овластиле да постапува  цели 13 години.

Основна премиса и постулати во работењето на оваа витална важна служба е во делот на превентивното делување, секогаш да го имаат во преден план факторот
ризик. Обвинетите ниту еднаш не наредиле надзор и контрола, за да се провери како оваа дискотека работи, иако Дирекцијата никогаш претходно не била вклучена во законската процедура да се произнесе и да одобри дали дискотеката ги исполнувала условите. Се работи за
единствена дискотека од затворен тип во Кочани која работела 13 години.

Обемот и димензијата на пропусти не се сведува само на загрозеност на лицата кои во овој период го посетувале клубот Пулс во Кочани, за жал иста била состојбата и во целата држава. Ниту еднаш во планирањето и реализацијата на активностите, предмет на надзор во контролирање на субјектите кои вршат угостителска дејност не бил потенцијалниот ризик кои со себе го имаат местата каде што се собира жива сила и каде што сосемна логично опасноста од ескалација и можност од тешки и несогледливи последици е најголема и најверојатна.

Оттука па се понатаму, доказите покажуваат дека одговорноста во превентивното делување сите обвинети од наведените институции си ја префрлале како жар во рацете што никој не сака да го задржи и да делува. Иако секој засебно имал таква должност и Законот не познава чекање и пасивност, се додека некој друг не им пријави и укаже за какви аномалии во работењето на клубот Пулс станува збор.

Бидете уверени дека низ доказите ќе сретнете парадоксални и небулозни ситуации, кои никако не наоѓаат оправдание за тоа што не го презеле сите инспекциски служби, кои биле директно повикани да ја штитат и гарантираат безбедноста во работењето на клубот Пулс.

Сите чекале граѓаните да им кажат и да пријават незаконитости и неправилности за тие да постапат. Реакција по службена должност која претставува особено силен и основен превентивен механизам за делување, за жал, останал мисловна именка.

И затоа сме тука денеска каде што сме... Почитувани судии, илустративно до каде се протегнала рамнодушноста и безобзирноста во непостапувањето на 
обвинетите, најдобро можеби ќе согледате од доказите и
начинот на нивното постапување, за жал кога веќе е доцна.

За само еден месец по настанот како субјекти на надзор беа опфатени сите угостителски објекти на територија на државата и од спроведените контроли се утврдија многу правно релевантни факти. Секој од свој аспект во истите институции делувал, санкционирал и затворал дискотеки, кабареа и кафулиња... внимавајте сега Врз основа на истите материјално правниоснови на кои и претходно биле повикани овие обвинети да делуваат.

Затоа сме убедени дека каузалитетот во овој кривично правен настан незаслужува лаичка процена до каде истиот се протегнал. Не заслужува дијагностика и лаконски коментари без да се погледнат доказите кои единствено ја даваат основата за правно релевантна оцена и она што навистина се случувало.

Како што споменавме и во воведот во овој настан нема случајности. Постои јасно дефиниран кривично правен образец нанепостапување кој само поради тешките настапени последици не дозволуваат коментар во несериозен контекст. Но, не може а да не се согледа дека претходникот го учел следбеникот на молчење. Следбеникот го прифатил непостапувањето како правило.

Никој од обвинетите не видел основа за реакција затоа што и другиот пред него тоа не го направил. Нема да видите доказ за било какви дејствија преземени од некој од обвинетите кои би дале поинаков тек на настанот. Нема никакво отстапување од веќе пројавените и долготрајно повторувани еднобразни облици на непостапување. Од овој индолентен бирократски канал и рутина никој неизлегол!


Проучувајки го целокупниот контекст на случувања и еднобразноста и континуитетот во непостапувањето, доказите ќе покажат дека каузалниот тек на настанот е непрекинат, се до настапување на последицата.

Каузалност помеѓу дејствијата и последицата прекинува
само деликт пречка, кога ќе ги слушнете сите докази, ќе
бидете уверени дека не постои ниту една релевантна околност или појава која што го прекинала овој ланец на
одговорноста. Никакво друго дејство не предизвикало други текови.

Сите обвинети како службени лица само го наследувале
и го прифатиле молкот како службен протокол! Не раководејќи се од примарната цел на заштита на јавниот интерес и безбедност на граѓаните, штафетно си ја пренесувале палката на непостапувањето и ја избегнувале личната одговорност.

Затоа ценејќи дека нивните овластувања за делувања се
самостојни, нема исклучивост и меѓусебно преклопување со друга одговорна служба, оваа опасна состојба која постоела, сме убедени дека мора да се согледа низ призмата на соизвршителството... Тоа засебно постои кај секоја од овие 4 институции, затоа што сите дале свој особен придонес кон настапената ужасна последица.

Кривично правната мисла во теоријата и во нашата судска пракса се единствени и овие прашања ги имаат
апсолвирано, без никакви двојби.

Заедништвото во соизвршителските дејствија не мора да
настапат истовремено и договорно, не мора ниту меѓусебе сторителите да се познаваат. Станува збор за сукцесивно надоврзувани пропусти преку кои се огледа супстратот на заедништвото. Битен е обемот на пропустите и дали истиот има релевантен контекст и континуитет во непостапувањето.

Затоа почитувани судии ова обвинение не може да се нарече гломазно, големо и слично. Ова обвинение е одраз на она што навистина се случувало!

Безбедноста нема мандатна природа и истек на важност. Секој од овие обвинети е повикан на одговорност поради неделување во моментот кога имал правна должност тоа да го стори. Секој поинаков заклучок лесно западнува во невиден апсурд и во правен ќорсокак...

Затоа ќе докажеме дека се апсолутно безмислени тезите дека овде на одгорност треба да биде повикан само оној во чие време се случила последицата. Немаме ниту морално ниту законско право одговорноста да ја бараме и да ја насочиме само кон тој во чие време се случила последицата.....

Тоа би значело дека треба да прифатиме дека обвинетите одговорни и службени лица кои не биле на должност во време на настапување на последицата, само
поради тоа немаат вина. Иако се работи за исти повторувачки пропусти, меѓусебно надоврзувани во континуитет и доказите тоа јасно го покажуваат. Во овој случај не затаиле само обвинетите кои биле на должност во време на настанување на последицата

Затоа вреди да се потсетиме што вели членот 30 од Кривичниот законик - Време на извршување на кривичното дело. Цитирам кривичното дело е сторено „кога сторителот работел или бил должен да работи, БЕЗ ОГЛЕД КОГА НАСТАПИЛА ПОСЛЕДИЦАТА“. Членот 108 став 1 од истиот закон предвидува дека „застарувањето на кривичното гонење почнува од денот кога е сторено кривично дело илинастапила последицата“.


Повеќе правна дискусија и полемики за овие прашања во текот на расправата сметаме дека нема и што да се додаде, Не се работи за наши гледишта, туку се работи за норма која законодавецот ја решил, имајќи ги во предвид сите опасности кои може да настанат доколку некој алиби би нашол во истекот на неговото време за делување.

Правната должност преку погоре цитираните одредби постои токму за да се гарантира потребата одговорните бидат будни во заштитата на граѓаните и да не даваат можност за оправдување „Моето време за делување истече, последицата во мое време не настапи“.

Вака создадениот преплет од кривичноправни дејствија,
како резултат на негрижа, толерирање и игнорирање на сите безбедносни закани и опасности, директно се согледува во самата настапената последица на 16 март 2025 година, за што ќе стане збор подоцна.

Од самиот почеток па се до пожарот во објектот не постоел функционален и адекватен против прожарен систем. Нема против прожарни сектори, нема хидрантна мрежа, нема прскалки, нема детектори, нема аларм за предупредување.. Со други зборови со вакви аномалии нема одбрана од опасноста Понатаму затворени прозорци и преградени со лим, вградени опасни лесно запаливи материјали, исклучително токсични по животите и здравјето на посетителите во случај на согорување. А сето ова во услови на еден единствен излез за евакуација во случај на опасност во дискотеката, во која се собирале и биле присутни и до илјада луѓе.


Затоа тврдиме дека отсекогаш оваа дискотека работела спротивно на секој стандард, на секој правилник, на секој. Закон и на секоја здраворазумна логика и принцип на одговорност.

И затоа велиме безбедноста во минатото и до денот на настанот не била компромитирана - таа никогаш и не постоела!

И затоа не по наше гледиште туку врз основа на силата
на правото и на правната теорија, ова отсуство на дејствијата на заштита и безбедност за кои постоела правно пропишана должност да бидат преземени, ова непостапување, веќе не се само пропуст, туку причина која се поврзува со обемот на катастрофата и настапените последици.

Деликтот на непостапување сметаме дека не смее и понатаму да биде потценет по своето значење, затоа што последиците се предвидливи каде може да не однесат. Овој случај е најекслицитен пример за тоа!

На Дејан Јованов и на сите останати обвинети одговорни
лица околу работењето на клубот Пулс, опасносите кои постоеле им биле добро познати.

Во такви услови Дејан Јованов и Михајло Јованов го договориле настапот на музичката група „ДНК“, кои разговори ги воделе двајцата со пејачот на групата, сега починатиот Владимир Блажев. Од изведените докази ќе имате можност да се уверите дека користењето на пиротехниката при настапот на музичката група била претходно договорена.

Ретроспективно обезбедени се докази и за претходни настапи на други изведувачи во клубот Пулс и ќе видите дека таа критична вечер употребата на опасни материи не била случајна, туку дел од претходно договорени небезбедни сценски перформанси, отворени пламени, факели кои лебделе кон плафонот, искри и што уште не....

Исто така прибавените, снимки, слики и сведочења ќе покажат дека и во минатите настапи на музичката група ДНК ваква сценографија со користење на пиротехника била редовно практикувана во објекти низ целата држава каде настапувале.

Критичната вечер, што не било и исклучок, а доказите
тоа ќе го потврдат, клубот бил редовно наводно „обезбедуван“ од обвинетите, ангажирани за физичко обезбедување на имоти и лица. Но, нивната улога без соодветна проценка и безбедносен ризик на локација каде се собираат голем број на посетители, со несоодветен број на работници за обезбедување, кои ќе можат безбедно да го контролираат влезот, но и внатрешноста во клубот Пулс, овозможиле неконтролиран влез на гости, кој во критичната вечер достигнал и над 600 гости, во целосно недозволен и небезбеден просторен капацитет, без проверка на идентитет на лицата при влез во објектот што го обезбедувале. Бил дозволен и влез на деца и нивно присуство во објектот после полноќ, отсуствувала задолжителна идентификација и проверка за внес на недозволени и опасни средства по животот на присутните, со што овозможиле преку внесот напиротехничките средства од страна на починатиот Мартин Атанасовски за потребите на сценскиот музички настап нагрупата ДНК, истите дополнително да бидат активирани. Сето ова од страна на лицата кој вршеле физичко обезбедување било по насока на одговорните лица во обвинетото правно лице-Рубикон како друштво за обезбедување на имот и лица, без преземени мерки и активности насочени кон откривање на штетни појави и дејствија кои го загрозуваат телесниот интегритет и имотот што се обезбедува.

За повиканите и одговорните да “обезбедуваат”, грижата за безбедноста ја немало во ниту едно дејствие кобната вечер!

Во такви услови непречено веднаш по пристигнувањето
и сместувањето на членовите на групата ДНК, како дел од претходно дефиниран визуелен сценски настап од Владимир Блажев, сегапокојниот Мартин Атанасовски, ги внел пиротехничките материи и поставил три уреди така наречени- пиротехнички фонтани на сцената. Кога започнал настапот на групата ДНК, дискотеката веќе била преполна. Во моментот кога се изведувала песната „Што сака нека биде“, како и при претходните настапи во изведување на истата нумера,сегапокојниот Мартин Атанасовски со далечински управувач истовремено ги активирал пиротехничките фонтани. Искрите кои биле исфрлени во правец на плафонот над сцената довеле до прогресивно опожарување на сцената. Молскавично брзо додека сеуште траела песната пожарот веќе го зафатил целиот плафон, топлината станувала неподнослива, мирисите од запаливите материи и чадот од огнот кој прогресивно се ширел, предизвикале општа паника.

Единствениот излез поради самата негова конфигурација и небезбедни стандарди на вратите и позицијата во која биле, станале пречка за напуштање на објектот.

Тука почитувани, се гледа најдобро значењето на непостапувањето и до што тоа довело и до кои размери тоа ја доведе оваа трагедија. Смртоносната стапица била
поставена и беизлезна. како таква и отсекогаш постоела.

Димензијата на оваа трагедија и зошто последиците беа
толку разорни, се огледаат во неколку клучни фактори присутни од самото отварањето на дискотеката.

Вградените градежни материјали на своја рака од обвинетиот Дејан Јованов, без безбедносна проверка на нивното значење и што истите може да предизвикаат, ќе се покажат како носечка причина за смрт. Сунѓерот со кој била обложена плафонската конструкција во дискотеката уште од нејзиното отварање во 2012 година била со исклучително опасна и токсична емисија на гасови, како резултат на согорувањето. Немало доволно излези, неможеле сите да го напуштат објектот и да побегнат, останале само млади животи, пламен и изгубена надеж.

Затоа со ова обвинение тврдиме дека не само активните
инкриминирани дејствија поврзани со употребата на пиротехниката туку и континуираните деликти на несторување на обвинетите го причиниле криминалниот
резултат затоа што во самата дискотека имало целосно небезбедни услови како таква воопшто не смеела да постои.

Од овие причини неправото тврдиме дека неможе да се исцрпи и да се подведе под законско обележје на друго кривично дело туку на кривичното дело тешки дела против општата сигурност на луѓето и имотот. Согледано и преку неговиот активен облик во ставот 1 од членот 288 од КЗ, но и неговиот пасивен казнив облик предвиден во ставот 2 од истиот член, според кој нагласувам одговорност постои како за службени така и за одговорни лица.

Да нема никакви забуни на никој од овие обвинети не му се става на товар дека имале умислен однос кон настапената последица. Во самиот квалифициран облик предвиден во член 292 став 2 од КЗ, е инкорпорирана одговорноста за потешка последица кога сторителот спрема неа делувал од небрежност.

Но во делот на нивните дејствија на сторување или несторување кои доведоа да штетната последица загуба на човечки животи немаме дилеми дека делото го сториле со со облик на вина - евентуална умисла, затоа што сите биле должни да постапуваат по императивни безбедносни правила и норми во делот на нивните законски овластувања и должности.


Почитувани како држава постоиме веќе 80 години со изграден правен систем а како демократко општество повеќе од 30 години коешто постојано се стремиме и очекуваме да го подобриме кон повисоки стандарди но за тоа ни треба и повисоки стандарди на одговорност и однесување особено кога станува збор за извршувањето
на функциите коишто државата ни ги довериле. Таа одговорност во прв план се однесува на граѓаните на оваа држава и секое непостапување према законските норми должност и овластување, особено од аспект на безбедноста на граѓаните како резултат не може да има ништо друго освен настапување на вакви штетни последици.

Така згаснаа 63 животи. и повеќе од 200 повредени луѓе со трајни последици во телото и душата.

Не се тоа бројки. Тоа се имиња, семејства, иднини, недоживеани утра, недопеани песни, празни столчиња и домови. Затоа, денес со најголема понизност кон изгубените живот и тешко настраданите, нивните семејства и блиски, Тука сме во ова постапка да прашаме, да именуваме и да бараме одговорност

Ако овој објект ги исполнуваше стандардите,
ако вратите беа доволни и проодни,
ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што
убива побрзо од пламен,
ако имаше функционална вентилација,
ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција,
пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен
инцидент, но не и како масовна гробница.
Затоа денес бараме одговорност по име и презиме,
Бараме правда,
Правда, но не заради утеха и одмазда
Правда како последица на незаконитост..
За светлата во дискотеките никогаш повеќе да не го
заслепат разумот и за ниту еден лажен сјај, самоволие и
привид на контрола и постапување... никогаш
повеќе да не бидат посилни од човечкиот живот.
Благодарам

Поврзани »

Вардар надоаѓа во Велес

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ја оценувате работата на Советот на Општина Велес, од мандатот 2021/2025 година? (училишни оценки)

  • 5
  • 4
  • 3
  • 2
  • 1
Резултати