Петар Печков
Објавено: петок, 12 декември 2025
Во првото полугодие од 2025 година, Државниот пазарен инспекторат извршил 229 надзори на правни лица во Велес, при што констатирал 152 неправилности. Или две третини од контролите покажале дека има некоја неправилност во работата на субјектот. Од ДПИ велат дека доколку како критериум се земе бројот на констатирани неправилности во одделни области таргетирани и понатаму како најризични области остануваат трговијата, нерегистрираната дејност, угостителството и заштита на потрошувачите, а воедно во овие области се преземени и најголем број на инспекциските мерки.
Првите шест месеци во Велес имало шест редовни контроли а 128 вонредни, по реакција на засегнати потрошувачи. Направени биле 95 контролни, дали по вонредните контроли се отстранети констатираните неправилности.
Најмногу контроли во Вардарскиот регион имало во Кавадарци 368 при што биле констатирани 238 (65%), Неготино 124 неправилности од 178 контроли (70%). Во Свети Николе имало 110 контроли и девет констатирани неправилности (8%), Демир Капија со 16 неправилности од 30 контроли (53%), Росоман седум неправилности од 30 контроли (23%), Градско 8 контроли и 9 неправилности, како што пишува во извештајот. Во Лозово и Чашка при контролите на ДПИ, пет односно две, не биле констатирани неправилности.
ДПИ во овој период од шест месеци во континуитет вршела инспекциски надзори во делот на контрола во трговијата на мало и трговијата на големо од страна на производителите, увозниците и трговците на одделни стоки.
При контрола на трговија на големо и трговија на мало, биле опфатени продажни објекти- физички продавници и магацини, каде што се проверувале- усогласеност со регистрацијата на дејноста, јасно истакнување на деловното име и работното време, соодветно водење на документација за набавка и продажба, лиценца за продажба на алкохолни пијалаци.
Инспекциските служби вршеле надзори за правилна примена на сезонски распродажби и намалувања, акциска и промотивна продажба, јасно, точно и видливо означување на редовни и намалени цени, рокови и услови на акциите и промоциите
Вршена била и контрола на угостителски објекти. Во рамки на овие надзори било проверувано дали објектите поседуваат валидни решенија за категоризација, дали има нерегистрирано вршење угостителска дејност, дали угостителот има поднесено пријава за исполнување на минимално техничките услови за вршење на одделен вид на угостителска дејност, контрола на лиценцни на одделни видови угостителски објекти (кабаре, ноќен бар, дискоклуб), точење на алкохол на малолетници, контрола на работното време на угостителските објекти, дали на влезот има истакнато натпис со содржина „лица со возраст под 18 години немаат право на посета, контрола на документи за набавка и продажба на производи, дали се почитуваат одредбите од Законот за заштита од пушење, односно забрана за пушење во затворени угостителски објекти.
